Под Вишиот суд во Подгорица е откриен тунел кој води до стан што се наоѓа наспроти зградата на судот. Црногорскиот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ кажа дека станот е во приватна сопственост.
„Акцијата долго била подготвувана и личи на акциони филмови. Ова е напад на системот и државата“, кажа Аџиќ.
Тунелот бил откриен во понеделникот кога две службенички на судот пронашле дупка во ѕидот на депото каде што се складира доказниот материјал. Претседателот на судот Борис Савиќ изјави дека не е украдено ништо од предметите и судските акти. Меѓу другото, во депото се чуваат 9,5 тони дрога, од кои два тона кокаин.
„Утврдивме дека предметите биле поместувани, направивме попис и ништо не недостига. Информациите дека нешто е украдено не се точни“, изјави Савиќ.
Тој смета дека тунелот не бил ископан заради грабеж, туку требало да послужи за обид за бегство.
Полицијата откри дека тунелот завршува во десетина метри оддалечената станбена зграда, во стан кој бил изнајмен пред два месеца. Премиерот Дритан Абазовиќ смета дека тунелот не можел да биде ископан без помагачи од судот, особено затоа што копањето на тунелот се совпадна со почетокот на реновирањето на судот.