ТРЕТПАТ СЕ КОПА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦ ОТИ Е НЕКВАЛИТЕТНО АСФАЛТИРАНА, НЕМА КАЗНИ ЗА ФИРМАТА

ТРЕТПАТ СЕ КОПА УЛИЦАТА КОЗАРА ВО СКОПСКИ КАПИШТЕЦ ОТИ Е НЕКВАЛИТЕТНО АСФАЛТИРАНА, НЕМА КАЗНИ ЗА ФИРМАТАОва е трето раскопување на улица која почна да се прави пред години, за време на мандатот на ексградоначалникот Саша Богдановиќ и уште не е завршена. (Фото: СДК.МК)

Улицата Козара во скопски Капиштец утрово пак почна да се раскопува. Со машини се корне асфалтот бидејќи е неквалитетно изведен и улицата не може да добие технички прием.

„Изведувачот има налог да ги поправи грешките при изведување. Сега се работи во делот од улицата каде имаше недостатоци“, велат од Општина Центар.

Ова е трето раскопување на улица која почна да се прави пред години, за време на мандатот на ексградоначалникот Саша Богдановиќ и уште не е завршена.

Изведувачот, фирмата „Гама градба“, најпрво лани при поставување на првиот слој асфалт ги асфалтираше и шахтите. По реакцијата на жителите, го корнеше асфалтот. Потоа, во ноември беше поставен втор слој долж целата улица. Но, само две недели по асфалтирањето фирмата по налог на Општината почна да го корне асфалтот оти улицата беше несоодветно изведена. Пролетва асфалтот пак почна да се рони, но не се санираа грешките оти истата фирма доби нов тендер од Општина Центар за реконструкција на Ленинова и машините беа префрлени таму. Пред неколку недели заврши реконструкцијата на Ленинова и сега фирмата почна да ја поправа Козара.

Казни за фирмата изведувач нема. Тендерот за реконструкција на Козара чини 130.000 евра, а беше склучен и дополнителен договор од 22.000 евра. „Гама градба“ за реконструкција на улицата Ленинова доби  670.000 евра.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира