Администрацијата на Џо Бајден објави дека обезбедила 600 милиони долари за производството на нови тестови за ковид-19 за домашна употреба и повторно ќе го отвори сајтот преку кој Американците ќе можат да нарачаат до четири бесплатни теста по домаќинство. Тестовите бесплатно ќе се доставуваат до домовите преку пошта.
Парите ќе бидат распределени помеѓу 12 компании кои ќе треба да произведат 200 милиони ковид-тестови за да се пополнат федералните залихи, со кои ќе располага владата.
Тестовите се дизајнирани за да откријат разни соеви на ковид-19 кои моментално кружат.
При претходните четири вакви иницијативи на владата, до домовите низ САД биле испратени повеќе од 755 милиони бесплатни тестови.
Засега нема најави дека на федерално или државно ниво во САД ќе се воведуваат ковид рестрикции или задолжително носење маска.