Жителите на мало гратчо во северна Шпанија се вознемирени откако на социјалните мрежи се појавија голи фотографии од девојчиња од местото, кои се обрабетени со помош на вештачка интелигенција, без нивно знаење. Сликите се создадени со помош на фотографии од девојките на кои тие се целосно облечени, многу од нив преземени од нивните профили на социјалните мрежи. Потоа биле обработени од апликација која генерира замислена слика на личност без облека на себе.
Досега, жртви се 28 девојчиња на возраст меѓу 11 и 17 години, од градот Алмендраелхо, и неговата околина.
„Еден ден, си дојде ќерка ми од училиште и ми рече: ‘Мамо, на Интернет има топлес фотографии од мене’. Ја прашав дали се фотографирала гола, а таа ми рече: ‘Не, мамо, ова се лажни фотографии од девојчиња, има многу такви во моментов. Има и други девојки во мојот клас на кои им се случило ова’“, вели Марија Бланко Рајо, мајка на 14-годишничка.
Таа вели дека родителите на 28-те девојчиња формирале група за поддршка.
Според извештаите од истрагата на полицијата, најмалку 11 локални момчиња се идентификувани или за создавањето на сликите или во нивното ширење преку апликациите Вотсап и Телеграм.
Инспекторите го разгледуваат и тврдењето дека бил направен обид да се изнуди услуга од една од девојките користејќи лажна слика од неа.