Гевгеличанец ги уби братот и снаата откако се скарале околу заедничката куќа. Приведен е и против него ќе биде поднесена кривична пријава. Убиството се случи синoќа околу 19 часот, кога пред влезот од куќата 69-годишниот В. Г. со пиштол пукал кон брат му и снаа му кои починале на лице место.
„Полициски службеници го лишија од слобода В. Г. од Гевгелија кој со пиштол пукал пред влезот на куќата и ги усмртил неговиот брат Л. Г. (71) и снаата Т. Г. (62). Лицето е задржано во полициската станица и од него е одземено оружјето со кое го извршил убиството“, изјави Александра Трајанова, портпаролка на СВР Струмица.
Од Основното јавно обвинителство Гевгелија соопштија дека на убиството претходела кавга меѓу двајцата браќа за заедничката куќа.
„Јавен обвинител изврши увид на лице место. Според првичните информации, мотивот за двојното убиство се нарушени меѓусебни односи на двајцата браќа кои кулминирале поради банална расправија во врска со работи на заедничката куќа“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството во текот на денот ја чека кривичната пријава од МВР за правна квалификација на делото и постапување.
В. ТРАЈКОВ