Турските кинематографери Џавахир Сахин и Курсат Уресин ја освоија Златната Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола за нивната одлична работа во „За сувите треви“ на Нури Билге Џејлан. Статуетката на затворањето им ја додели оскаровецот Питер Бижу, претседател на меѓународното жири.
Сребрената Камера 300 ја доби кинескиот кинематографер Ченгма Жујан за „Само реката си тече“, а Паоло Карнера за „Носталгија“ ја доби Бронзената Камера 300. Посебно признание жирито му додели на Наум Доксевски, кинематографер на „Домакинство за почетници“ на Горан Столевски кој го отвори фестивалот.
Ирскиот кинематографер на Шејмус Мекгарви ја доби Специјална златна Камера 300 за посебен придонес во филмската уметност.
„Толку е убаво овде. Таква весела атмосфера имаше што отсега ќе се враќам секоја година во Битола. Блиску сум, живеам во Италија, од следната година сум тука“, рече Мекгарви при доделувањето на наградата.
Тој направи шоу на сцената однесувајќи со пиетет кон стауетката на Манаки, глумејќи дека снима со неа, а потоа им позираше на новинарите со неа меѓу публиката. Наградата му ја врачи претседателот Стево Пендаровски, покровител на фестивалот.
Непосредноста беше белег на церемонијата од завршната вечер на „Браќа Манаки“. Освен шоуто на Мекгарви, спонтаниот Бижу кој им го местеше микрофонот на останатите гости на сцената, и директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски го означи крајот пеејќи ја старата битолска нарона песна „Ајде да одиме во Битола“, со која ги покани сите гости да се вратат в година и да донесат нивни пријатели за семејството Манаки да се шири што повеќе.
„Најмногу сакам тоа што Фестивалот добива духовит карактер во кој смеата и радоста на гостите преовладуваат. Луѓето кои ни доаѓаат како гости толку убаво си поминуваат овде што цела формалност се растура и почнуваме да стануваме една фамилија. ‘Манаки’ е многу важен дел од културниот идентитет на Македонија. Денес зборував со специјалниот добитник на наградата, вели ако можам да останам. Штета што мора да се вратиме дома. Правиме чудесна дипломатска работа. Дипломатија која е надвор од политичките рамки, која се шири по културниот свет низ жилите на филмот“, рече Дамевски.
За кратката програма, Мала Камера 300 доби португалска кинематограферка Марта Самоес за филмот „Галебите го параат небот“. Железната Камера 300 за документарен филм ја добија Кристина Мурмири, Јоргос Валсамис, Неритан Зинџирија за грчкиот филм „Светло на светлината“. Железна Камера 300 за најдобра кинематограферска работа во долгометражен документарен филм доби Каролин Шампетие за „Човекот во црно“, а Тео Мантоја посебно признание за „Анхел 69“.
Фестивалот заврши со премиерата на македонскиот филм „Лена и Владимор“, дебито на Игор Алексов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА