Дури 90 проценти од објектите и околината во Пелагонискиот Регион се непристапни за лица со инвалидност, истакна Д-р Нико Јанков, претседател на Мобилност –Битола на традиционалното дефиле на лицата со попречености низ Широк Сокак што ова здружение го организираше по 17 пат под мотото „До пристапност со универзален дизајн“.
„Битола воопшто не е пристапна. Треба да се подигне свеста во општеството дека постоиме и дека сме еднакви со сите. Многу сум изреволтирана, го направија стадионот во Битола, а нема никаква пристапност. Има скали еден куп, а рампа никаде“, рече Билјана Тодоровска.
Претседателот на здружението Јанков истакна дека во Битола во последните 35 години значајно инситираат состојбите со пристапноста да се подобра, за жал институциите не учествуваат со адекватен одговор на нивните барања.
„Се надеваме дека ова ќе стигне до ушите на надлежните да се направат одредени прилагодувања за да можат да функционираат овие лица. Инаку вака не ќе можат да одат ни на спортски настани, кино, кафана, а да не зборуваме за самите институции кои не им се пристапни“, рече Јанков.
Софка Прчева, генерален секретар на Мобилност Македонија, додаде дека не е проблемот во законите кои постојат, туку во непочитувањето на Законот за градба и Правилникот за непречен пристап до објектите од страна на институциите.
Во рамки на манифестацијата беше промовирани Прирачник за пристапен туризам кој го изработија експертите за оваа проблематика Ристо Речковски, Иванка Несторовска, Ирена Ружин и Јове Парговски. Претходно беше изработена и Студија за пристапност на Пелагонискиот Регион.
„Увидот во пристапноста на туристичките капацитети и објектите од областа на културата покажа дека голем дел од нив (сопственици/ надлежни) не ја познаваат законската регулатива, голем дел мислат дека се пристапни, а не се според стандардите. Повеќе од 90 проценти изразија подготвеност да научат како да станат пристапни за лицата со попреченост. Проблемот за пристапноста на културното наследство е што имаме големи пречки во адаптирање на влезови, тоалети по стандардите. Кај туристичките капацитети големината на објектите и неможноста да се адаптираат“, рече д- Ирена Ружин, член на екипата што ги подготви Прирачникот и Студијата.
Ректорот д-р Игор Неделковски рече дека Битолскиот универзитет е единствениот во Македонија кој во студентскиот дом има пристапни соби за лица со попречености. Најголемиот дел од факултетите се пристапни само на првите катови каде вообичаено се лоцирани студентските прашања, па студентите немаат проблем да си ги остварат административните права. Исто така и за полагање на испити се наоѓаат решенија да бидат на првите катови.
„Другите катовите ни се проблем бидејќи немаме средства за лифтови и тука им помагаат колегите во искачување на скалите. Треба да се работи на изнаоѓање средства за да бидат пристапни и другите катови“, рече Неделковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА