Олимпијадата во Париз е на помалку од година дена, а француските власти сакаат да се осигураат дека креветните стеници нема да направат проблем за време на најголемиот спортски настан и почнаа кампања за уништување на паразитите.
На социјалните мрежи има сè повеќе видеа од инсектите како се шетаат по возови и париското метро, а има и сè повеќе извештаи во медиумите за креветни стеници во кина, театри, па и на аеродромот Шарл де Гол.
„Државата итно треба да направи акциски план против оваа напаст додека Франција се подготвува за Олимписките и Параолимписките игри следната година“, напиша парискиот заменик-градоначалник Емануел Грегор во писмо до премиерката Елизабет Борн неделава.
Министерот за транспорт Клемен Бон во петокот кажа дека ќе разговара за проблемот со транспортните оператори.
Но, на главната железничка станица во Париз, патниците се сомневаат дека властите ќе можат да се справат со проблемот.
„Загрижена сум. Си го чувам багажот затворен за да не ги донесам креветните стеници дома. Што дојдам дома, веднаш ги перам сите мои алишта“, вели Лора Мади, кој патуваше за југот на Франција.
Пристигнувајќи во Париз од Ница, Софи Русика вели дека морала детално да го провери нејзиното седиште за да се увери дека нема знаци од инсектите кои се хранат со човечка крв.
„Тоа ми предизвикува стрес. Морав да одам со воз и се прашував дали ќе најдам креветни стеници. Но, ги има и во кината и речиси насекаде“, кажа таа.