Од вчера e воспоставен железничкиот сообраќај од и кон Битола. Откако во пожарите во периодот од 17 до 24 септември на неколку локации од пругата Богомила – Битола во пожар беа оштетени околу илјада дрвени прагови, поради обемноста на штетите од пожарите од 25 септември беше во прекин железничкиот сообраќај на релација Велес – Битола.
Железничкиот сообраќај на пругата Велес-Битола-Жабени е нормализиран и на местата каде нема бавни возења возовите возат со брзина предвидена по книшката од возен ред. На местата на кои сè уште се работи се вози со намалена брзина, за да се задржи безбедноста во железничкиот сообраќај.
„Обемот на штетата беше многу голем, околу илјада прагови, кои на повеќе места беа изгорени, практично стоеја на толчаникот. Ова го спречи движењето и на нашите шински возила, така што не можеа да поминат и да однесат прагови на другите места, што ја отежнуваше работата. Со голем напор се работеше прво на најлошите места и на 2 октомври се оспособи пругата за брзина од 20 километри на час од станица Гостиражни до станица Браилово, со што се овозможи железнички сообраќај помеѓу станиците Велес и Прилеп. На 4 октомври се оспособи делот на пруга станица Тројкрсти – станица Лознани со брзина од 50 километри на час и помеѓу станица Лознани – станица Вашареица со брзина од 30 километри на час. Со тоа се овозможи и дозволи пуштање на сообраќај на делот Прилеп-Битола“, соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура.
Од таму велат дека во Велес продолжува санирањето на опожарените и изгорени прагови, додека целосно се санираат штетите од пожарите.
П. ПЕЧКОВ