За неколку дена, од водите на Охридското Езеро, на потегот од Заум до Градиште, на длабочина од 5 до 35 метри отстранети се над 70 мрежи за риби како дел од активностите во рамките на проектот кој го спроведуваат Хидробиолошки завод од Охрид и меѓународната организација „Healthy Seas“. Експертите велат дека тие служат како стапици за рибите и најчесто се напластени во локалитетите каде се наоѓаат рибните пловишта, но и каде што се мрести охридската пастрмка.
„Таканаречените мрежи духови се опасни не само затоа што прават замки за рибите и останатите живи организми, туку се и пречки на кои се напластуваат одредени органски или физички материјали. Исто така, изработени се од материјал кој не е биоразградлив и остава последици врз животната средина и живиот свет кој го населува Охридското Езеро“, вели директорката на Хидробиолошкиот завод, Орхидеја Тасевска.
Нуркачите велат дека мрежите како вештачки бариери фатени во карпите ги има скоро на сите длабочини, а најтешко се вадат оние кои со години стојат на езерското дно.
„Езерото е доста големо и има доста локации со останати мрежи. Најголемиот дел од мрежите се на карпестиот дел каде што се мрести охридската пастрмка, фатени се за карпите и тешко можат да се извадат. Длабочината на која работевме беше од 30 до 5-6 метри“, вели Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“.
На тркалезната маса посветена на проблемот со мрежи духови, присутните кажаа дека само со поголема контрола од страна на институциите и поголема едукација на оние кои користат рибарски алат ќе се подобри заштитата на Охридското Езеро.
Акција за чистење на мрежите духови од Охридското Езеро беше спроведена и во 2017 година кога биле извадени напуштени мрежи од најразличен вид и материјал во должина од 14 километри. Од Хидробиолошкиот завод велат дека ваквите активности треба да се прават на годишно ниво.
С. ВРЕНЦОВСКА