„Направив сага за судбината на мигот, за историјата, времето, иднината, за нашето постоење“, вели кореографката Рисима Рисимкин за премиерата на „САГА“(Идентитети), со која изминатиов викенд се отвори новата сезона во Националната опера и балет (НОБ).
Двете премиери, на 6 и 7 октомври поминаа со публика која искрено уживаше во модерната поставка на Рисимкин, инспирирана од современото македонско поетско творештво. Солистите и ансамбалот создадода магичен, нестварен свет, врз база на „Везилка“ од Блаже Конески и мотиви од народното творештво, носејќи нѐ низ македонските филиграни, ѓердани, мегдани, севдата, дамарите и везот.
Насловните улоги ги играат примабалерините Марија Кичевска-Шокаровска и Мирјана Поп-Алексова-Атанасовска, како и истакнатата солистка Саша Евтимова, придружувани од Балаж Лочеи (Унгарија). Играат и Наташа Трендафилова-Гацев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, Игор Велјановски, Ендрју Кук (Англија), Веселин Трајковски, Алфред Јаго (Англија), Франциско Руиз (Шпанија) и Миро Митрашиновиќ.
Целосната слика на македонската сага ја надополнија музиката на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски и сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ.
Рисимкин ѝ даде на НОБ одлична, современо спакувана претстава за старт на сезоната.
Б. НЕСТОРОСКА
(Фото: К. Попов)