Креаторки од скопската Општина Шуто Оризари, како и жителите кои препродаваат облека, наскоро ќе може онлајн да ги поставуваат нивните производи, и со карго сервис да се транспортираат до купувачите, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Емилија Јованова-Стоилкова, регионална менаџерка за Западен Балкан на програмата „Рекономи“ (RECONOMY).
„Рекономи“ е програма на Шведска и е имплементирана од швајцарската невладина организација Хелветас, која работи на различни развојни проекти во над 30 држави. Со седиште е во Цирих и Берн во Швајцарија, но има и свои претставништва во Германија и САД. Проектот се спроведува во 11 земји, во сите шест земји на Западен Балкан и пет земји од Источна Европа – Грузија, Ерменија, Молдавија, Азербејџан и Украина.
„Подржуваме различни инклузивни зелено-економски проекти и активности кои имаат за цел да ја подобрат економската ситуација во државите и да придонесат за поголем раст и развој на приватниот сектор. Тоа придонесува за раст на економијата, за зголемување на работни места. Да се пополнат тие работни места потребни се дополнителни вештини со што се отворат можности за доживотно учење. Целта е да се отворат што е можно повеќе можности за работни места, да се зголеми приходот на млади и жени и оние кои се од најранливите групи во сите овие 11 земји“, вели Јованова-Стоилкова.
Проектот почнал во јули 2020 со една подготвителна фаза која за Источна Европа траела до 30 декември 2022, а за Западен Балкан до крајот на март 2023.
Јованова-Стоилкова вели дека од 1 април годинава почнале со имплементација на главната програма која ќе трае до декември 2026. За време на подготвителната фаза работеле на неколку пилот интеревенции и активности чија цел била да се види каде е потребата, каде проектот ќе има најголемо влијание, со цел да се отворат што е можно повеќе работни места, по можност пристојни зелени работни места, оти зелената компонента им е клучна, централна во програмата.
Дигитализацијата на продавачите од Шуто Оризари се одвива во соработка со невладината организација „Реди рисајклинг“ (REDI Recycling), со која веќе работеле на формализирање на неформалните собирачи на отпад.
„Жителите на Шуто Оризари успеваат да продадат само кога ќе им дојдат луѓе на посета. Запознавме многу вредни жени, шивачки кои шијат свечени фустани, невестински фустани, кај кои доаѓаат муштерии од Србија, Албанија, Косово, па и од другите европски земји. Тие почнале од нешто, со напорна работа успеале многу, и не знаат како понатаму. Нема кој да ги поддржи. Ние ќе им помогнеме да ги промовираат нивните артикли преку дигитална платформа за продажба, и со карго сервис да стигнат до купувачите во земјава и во регионот. Во 21 век, кога дигитализацијата е навлезена во сите сфери на животот, навистина не е фер да не им се овозможат услови да ги пласираат своите понуди надвор и од Македонија. Младите и жените ќе бидат особено потикнати да го развијат својот бизнис и да ги зголемат приходите. Каде е потребно ќе се понудат и дополнители обуки за продажба, маркетинг и слично“, вели Јованова-Стоилкова.
За соработката со „Реди рисајклинг“ таа појаснува дека ги поддржале и да го направат бизнис моделот за формализирање на вработувањето на собирачите на отпад. Претежно се од ромската популација, но не биле исклучени и другите кои изразиле интерес да го формализираат своето вработување. Тука им се понудила можност да бидат пријавени, со тоа станале видливи за системот, добиле пензиско, здравствено и социјално осигурување и редовна месечна плата.
„Се одвиваа паралелно неколку активности, ова може да се стави во општинско управување со отпад. Почнавме со Карпош, каде беа поставени специјални кутии за рециклирање. Граѓаните беа едуцирани за селекција на отпадот и што ќе се случува со тој отпад. Луѓето кои изразија интерес да го формализирираат своето вработување поминаа повеќе обуки, меѓу кои беа и обука за возење на електрични трицикли и за заштита при работа со отпад. Парите од продажбата на отпадот одат во ‘Реди рисајклинг’ од каде се плаќаат платите на овие луѓе и се покриваат останатите тековни трошоци“, вели Јованова-Стоилкова.
Почнале со неколку згради, паралено работеле и на подигање на свеста и за една година стигнале до 400 згради и сега се опфатени и Центар, Гази Баба, Аеродром. Успеале и да го дигитализираат овој процес со тоа што направиле апликација која може да се симне од Плејстор, преку која станарите следат дали кантата е полна и кога ќе се собира ѓубрето.
„Беа вработени 5 луѓе, но ниту ние ниту ‘Реди рисајклинг’ не сакаме да остане стигмата дека дека собирачи на отпад се само луѓето од ромската заедница. Целта на ‘Реди рисајклинг’ е доколку се отворат дополнителни можности, да може да сe вклучат и во други зелени работни места. На некои им се помага и да го продолжат образованието, неколу се вработија во ‘Паркови и зеленило’, друг си отвори сопствен бизнис. Им поттикинуваат идеи и им ги посочуваат можностите, а ние се гордееме со тоа да се тргне таа стигма“, вели Јованова-Стоилкова.
Таа кажува дека со секое напуштање на работно место, се вработуваат нови лица. Тековно има нови пет вработени кои ги опслужуваат опшптините и отпадот се носи во складиштата бесплатно отстапени од самите општини за потребите на ‘Реди рисајклинг’.
„Сето ова се спроведуваше како пилот фаза за да се види дали ваквиот модел дава резултати, и што е потребно истиот да биде одржлив. За таа цел во наредниот период во соработка со ‘Реди рисајклинг’ ќе работиме на редизајнирање на нивниот бизнис модел и бизнис план со цел истиот да биде динамичен, да понуди вредност во секторот со управување на отпад, да има влијание од големи размери, и секако да биде одржлив во корист на сите “, вели Јованова-Стоилкова.
Б. НЕСТОРОСКА