Шеесет лица побарале помош од декември до денес во Женскиот центар за поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Битола, а некои од нив и повеќекратно.
„Бележиме над 250 работни часа. Сме пружиле помош и на деца и на мајки. Најчето бараат психолошка поддршка во моментите на одлучување дали да побараат развод и најмногу заштита и психолошка помош на децата. Свесноста се развива, особено семејното насилство веќе не е табу тема за младите генерации, жените што имаат по триесетина години навистина се охрабруваат да побараат помош“, рече Наташа Бајкирова, психотерапевтка во Женскиот центар.
Сепак, ова не е вкупната бројка на жени и деца кои трпат семејно насилство.
„Бројките се доста загрижувачки на национално ниво. Статистиката на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) минатата година покажа дека имаше околу 1.500 пријавени нови случаи. Но, ова е само 2 проценти од вкупниот број жени кои преживуваат семејно насилство, што го покажа истражувањето на ОБСЕ од 2019. Според него, само 2 проценти од жените го пријавуваат најсериозниот инцидент во кој имаат најсериозни повреди“, рече Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Женскиот центар нуди советување и поддршка за остварување социјални права, психолошко советување, психиотерапија, правна помош и поддршка, кариерно советување и друго.
Отворањето на Центарот лани Општина Битола го поддржа со 930.000 денари (околу 15.000 евра), а градоначалникот Тони Коњановски најави дека ќе го помагаат во континуитет.
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство со општините Битола, Ресен, Могила, Демир Хисар и Новаци, завчера потпиша меморандум за соработката и финансиската поддршка за одржливост на Женскиот центар за поддршка во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА