АРАПСКИТЕ ДРЖАВИ ВЕЛАТ ДЕКА ПАЛЕСТИНЦИТЕ МОРА ДА ОСТАНАТ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА ВО ГАЗА

    АРАПСКИТЕ ДРЖАВИ ВЕЛАТ ДЕКА ПАЛЕСТИНЦИТЕ МОРА ДА ОСТАНАТ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА ВО ГАЗААрапските држави се плашат дека војната на Израел со Хамас во Газа може да предизвика нов бран на трајно раселување од земјата каде што Палестинците сакаат да изградат идна држава. (Фото: АП)

    Повиците за хуманитарен коридор или пат за бегство за Палестинците од Појасот Газа, бидејќи конфликтот меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас ескалира, наиде на остра реакција кај арапските соседи. Египет, единствената арапска држава што ја дели границата со Газа, и Јордан, кој е веднаш до Западниот Брег окупиран од Израел, предупредија дека Палестинците не смее да бидат принудени да ја напуштат нивната земја.

    Тоа ги одразува длабоките арапски стравови дека последната војна на Израел со Хамас во Газа може да предизвика нов бран на трајно раселување од земјата каде што Палестинците сакаат да изградат идна држава.

    „Ова е кауза над сите каузи, кауза за сите Арапи. Важно е палестинскиот народ да остане непоколеблив и присутен на својата земја“, рече во четвртокот египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.

    За Палестинците, идејата да ја напуштат или да бидат протерани од земјата каде што сакаат да формираат држава носи ехо на „Накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци избегаа или беа принудени да ги напуштат своите домови за време на војната во 1948 година кга се создаваше државата Израел. Околу 700.000 Палестинци, половина од арапското население од Палестина под британско владеење, останаа без имоти и беа раселени, а многумина се прелеаа во соседните арапски држави каде што тие или многу од нивните потомци останаа. Многумина сè уште живеат во бегалски кампови. Израел го оспорува тврдењето дека ги избркал Палестинците, велејќи дека бил нападнат од пет арапски држави по неговото создавање.

    Откако Израел започна со интензивно бомбардирање на Газа по разорниот напад од милитантите на Хамас на 7 октомври, стотици илјади од 2,3 милиони жители на Газа ги напуштија своите домови, додека сè уште остануваат во Газа, мала територија во должина од 40 км и ширина од 10км заглавена меѓу Израел и Египет и Средоземното Море. Израелската војска во петокот ги предупреди цивилите во градот Газа, со повеќе од 1 милион луѓе, да се преселат на југ во рок од 24 часа заради сопствена безбедност, најава што беше сфатена како сигнал дека Израел наскоро би можел да започне копнена инвазија.

    Јорданскиот крал Абдула предупреди „против секој обид за насилно раселување на Палестинците од сите палестински територии или предизвикување нивно внатрешно раселување“, повикувајќи да се спречи „прелевање на кризата во соседните земји и влошување на бегалското прашање“. Шефот на 22-члената Арапска лига, Ахмед Абул Геит, итно апелираше до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да го осуди „овој луд израелски напор за префрлање на населението“.

    САД соопштија дека оваа недела разговараат со Израел и Египет за идејата за безбедно минување на цивилите во Газа. Портпаролот на ОН Стефан Дујарик рече: „Цивилите треба да бидат заштитени. Не сакаме да видиме масовен егзодус на жителите на Газа“.

    Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, рече дека предупредувањето за евакуација е „привремено да се преселат (луѓето) на југ… за да се ублажи штетата на цивилите“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира