На 19 октомври (четврток) ќе има предупредувачки протест на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, во организација на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР). Тие на денешната прес-конференција рекоа дека се незадоволни од тоа што немаат одговор за нивните барања и по средбата на нивни претставници во Министерството за здравство на 5 октомври.
Протестот ќе биде за време на паузата од 10:30 до 11 часот за да нема застој во работата со пациентите и ќе биде или на работните места или вработените може да излезат пред здравствената институција каде што работат. Протестот ќе го поддржат и возачите на Брза помош со едноминутно вклучување на сирените и ротациските светла на амбулантните возила.
Членовите на Независниот синдикат бараат зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.
По најавта за протест, Министерството за здравство соопшти дека оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници.
„Еднаш во првата поливина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работници. Сега на 9 октомври имаше ново покачување од 10%, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и Министерството за здравство и министерот д-р Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат меѓудругото и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе. Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите каде беше разговарано на оваа тема при што детално им беше образложен пристапот на Владата и Министерството на здравство во однос на покачувањата“, соопшти Министерството.
Кристина Олевска од синдикатот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ Скопје, кажа дека не се согласуваат со предлогот за зголемување на платите за 15 проценти само на медицинските сестри.
„Ние не согласуваме со тоа, затоа што ние сме алка, синџир во здравството и еден без друг не можеме. Затоа продолжуваме да се бориме за зголемување за 30 проценти на платата за сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал. Власта мора да го слушне нашиот глас“, рече Олевска, која додаде дека нејзината плата е 28 илјади денари, има средно образование, 25 години стаж и работи во Одделот за радиотерапија т.е. изложеност на рендгенско зрачење.
Според Боби Бојчевски, координатор на Независниот синдикат, предупредувачкиот протест ќе биде „крик за достоинствена плата и достоинствен живот“ на 22 илјади вработени во здравствениот сектор во земјава. Покачувањето од 10 проценти, рече, е малку, затоа што „ги изело“ галопирачката инфлација.
Лазо Костовски, претседател на синдикатот на Болницата за геријатрија „13 Ноември“ Скопје, кажа дека меѓу барањата е и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време за 241 вработен во здравство. Со нивното вработување на неопределено, рече тој, ќе нема разлика во финансиите, но дека трансформацијата „ја кочи“ Министерството за финансии од каде што нема согласност.
Тој, исто така, рече дека сите вработени во здравството треба да имаат и бенефициран стаж и посочи на тешките услови за работа кои ги имаат вработените во психијатриските болници, кои немаат обезбедување и не добиваат инфективен додаток.
Б. НЕСТОРОСКА