Украина објави дека извела воздушни напади на аеродроми во окупираните делови на истокот на земјата, при што биле уништени девет руски хеликоптери. Во нападите на градовите Бердјанск и Луганск, оддалечени 85, односно 100 километри од најблискиот фронт, биле погодени и систем за противвоздушна одбрана и складиште за муниција.
Прорускиот гувернер на Запорожје, Владимир Рогов, изјави дека противвоздушната одбрана соборила ракети над Бердјанск, додавајќи дека се проверуваат информациите за штети и жртви.
Еден руски блогер објави за напад на аеродром со американски проектили АТАЦМС, додавајќи дека бил нанесен сериозен удар, со загуби во луѓе и технологија.
Додека фокусот на светската јавност се сврте кон Израел и Газа, во Украина продолжуваат борбите долж целиот фронт. Украинците признаваат дека многубројните руски сили се во офанзива на североистокот на земјата, обидувајќи се да ја пробијат одбраната кај Авдивка, Лиман и Купјанск, каде што се забележани жестоки бомбардирања.