Шефовите на МИ5 и ФБИ издадоа ретко заедничко предупредување дека заканите за терористички напади може да се зголемат како резултат на кризата на Блиски Исток.
Кен Меккалум, генералниот директор на британската контраразузнавачка служба МИ5, рече дека има ризик поединци кои можеби се радикализирани онлајн на своја иницијатива да реагираат на спонтан и непредвидлив начин. Зборувајќи на самит на шефовите на разузнавачките служби во Калифорнија, каде што учествува и директорот на американската агенција ФБИ Кристофер Реј, Меккалум кажа дека исто така има опасност терористички групи или Иран да ги зголемат насилните активности и дека еврејските индивидуи или организации можат да бидат цел на неонацисти или исламисти.
„Јасно е дека има можност настаните на Блискиот Исток да генерираат зголемен волумен на закани во Велика Британија“, кажа тој.
Во понеделникот беа убиени двајца шведски фудбалски навивачи во Брисел. Белгиското обвинителство првично кажа дека нема докази за поврзаност на нападот со конфликтот во Газа, но потоа рече дека се истражуваат врски.
Франција го подигна нивото на безбедносна готовност во петокот откако исламски радикал уби наставник и повреди уште тројца на северот на земјата.
Реј, директорот на ФБИ, рече дека терористичките закани брзо еволуираат во САД и дека не може да ја негира можноста Хамас или некоја друга странска терористичка организација да го искористи конфликтот да ги повика своите поддржувачи да изведат напади во САД.