Со премиерната изведба на дело напишано специјално за оваа прилика, вечерва во Националната опера и балет се отвора 42. издание на Скопскиот џез фестивал (20 часот). Делото „После пожарот“ (After the Wildfire) го компонираа угледните норвешки џез музичари Јан Банг и Арве Хенриксен, кои ќе го изведат заедно со оркестарот на Институтот „Феимс“, со кој ќе диригира Џијан Емин. Тој исто така ги подготви аранжманите.
Ова ќе биде втор настап на Банг и Хенриксен на СЏФ, по оној во 2009 година.
„После пожарот“ се состои од осум композиции напишани за труба, семплер, оркестар, перкусии, кавал, зурла и глас. На концертот ќе настапат и норвешкиот тапанар Ингар Зак и некои од најдобрите македонски пејачки и кавалџии.
Во продолжението на вечерта, во Младински културен центар од 23 часот ќе настапи ансамблот на култниот американски композитор, пејач и поет Бен Ламар Геј, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена.
„Звукот на Геј има многу уникатен, препознатлив стил, што тој го нарекува панамерикански, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од аренби до тропикалија, од хип хоп до електро и современа класика“, велат од СЏФ.
Фестивалот трае до 22 октомври, а во програмата се музичари од САД, Италија, Шведска, Словенија, Велика Британија, Шпанија, Норвешка, Данска, Полска и Бразил, како и македонскиот бенд „Кобалт код јунит“.