Скратен е во широчина новоасфалтираниот регионален пат од крстосницата кај Башино Село до Езеро Младост, дел од регионалниот пат Велес-Катланово, реагираат велешани. Велат дека една беше димензијата пред реконструкција, а сега е друга.
Советникот во Општина Велес Игор Смилев дури изврши и мерење на широчината на патот, за да документира дека изнесува 4,50-4,60 метри наспроти потребните 5,50 метри.
Граѓани реагираа и до советниците и до градоначалникот на Велес, Марко Колев, кој кажа дека тоа е инвестиција на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), па Општината нема одговорност за градежните зафати.
„Патот е скратен во широчина. Две возила не можат да се разминат, а не за автобус или камион кои тука често сообраќаат, бидејќи е регионален пат. Кој ќе сноси одговорност ако се случи сообраќајна несреќа, а со оглед на фреквенцијата на сообраќајот кој се одвива секојдневно. Дури и поставените столпчиња на маргините не дозволуваат возилото да оди в десно, да се разминеш со тие што доаѓаат од спротивен правец“, велат жители од Велес.
Од Јавното претпријатие за државни патишта ги отфрлаат тврдењата дека патот е скратен по широчина. Велат дека коловозот на таа делница е со променлива ширина која била до 6 метри и е во согласност со теренските услови, како и со проектната документација, но и со Законот за јавни патишта кој препознавал само категорија „регионален пат од прва категорија и регионален пат од втора категорија“ во член 4, точка 8 и 9.
„На делови од трасата, широчината на патот е дефинирана од постојните елементи и објекти на патот – тротоари, паркинзи, хотели, но на поголемиот дел од трасата широчината на коловозот е 5 или повеќе од 5 метри. Исто така, сообраќајната сигнализација, заштитна ограда и сите останати елементи од патот се изведени согласно со одобрениот проект. Изведувачот нема направено грешка при изведба на работите кои се според одобрен и ревидиран проект за рехабилитација, при што треба да се има предвид дека се работи за рехабилитација на постоечки, а не за изградба на нова делница или реконструкција“, велат од ЈПДП.
Изведувач на работите беше „ЈВ Инфра експерт & Вато ДОО“ (JV INFRA EXPERT & VATO DOO), надзорот над работите го вршеше „Евроконсалтинг“. Делницата е во должина од 4,88 км. и заедно со таа на регионалниот пат Петровец-Катланово од 3,52 км, инвестицијата е во висина од 164,12 милиони денари (околу 2,7 милиони евра).
Сличен беше и случајот со патот од Горно до Долно Лисиче во Општина Аеродром, кој беше реконструиран во 2013 година за 400.000 евра, со пари од Европската банка за обнова и развој. Широчината на патот требаше да биде 6 метри, но првично широчината на асфалтот по реконструкцијата беше 5 метри.
Сепак, Општината реагираше и изведувачот додаде набрзина уште еден метар асфалт, но тој дел од асфалтот брзо се распадна и постојано се поправа оттогаш, отежнувајќи го возењето по фреквентниот пат.
П. ПЕЧКОВ