Големата колекција уметнички дела на покојниот Силвио Берлускони беше исмеана од еден од водечките италијански ликовни критичари Виторио Згарби. Според него, најголем дел од 25.000 слики се со лош квалитет со мала или никаква вредност.
Бившиот италијански премиер, кој почина во јуни, најчесто купувал слики и скулптури на ноќните програми за телепродажба. Делата се чуваат во огромно складиште близу вилата на Берлускони кај Милано и според весникот „Ла Република“, меѓу нив има слики на Богородица, голи жени и предели од Париз, Неапол и Венеција.
Неговата колекција им претставува голем товар на наследниците зашто одржувањето на складиштето годишно чини 800.000 евра. И дрвените црви имаат уништено дел од колекцијата, со што дополнително се намалува нејзината вредност.
„Луѓето кои макар малку се разбираат во уметност подобро нека одат во некој музеј. Меѓу 25.000 дела има шест-седум со некаква уметничка вредност“, кажа Згарби за колекцијата на Берлускони.
Целата колекција е проценета на 20 милиони евра, што е во просек 800 евра за едно дело.
Берлускони, кој во моментот на смртта имал богатство од шест милијарди евра, поседувал и вредни уметнички дела, па во неговата главна резиденција има дела на ренесансните мајстори Тицијан и Рембрант.