ЗАПРЕНО РЕСТАВРИРАЊЕТО НА ЖИВОПИСОТ ВО ВЕЛЕШКАТА ЦРКВА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО КОНЗЕРВАТОРИ

    ЗАПРЕНО РЕСТАВРИРАЊЕТО НА ЖИВОПИСОТ ВО ВЕЛЕШКАТА ЦРКВА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО КОНЗЕРВАТОРИЖивописот во манастирската црква „Св. Димитрија“ крај Велес е откриен есента 2017, на сводот под камбанаријата. (Фото: СДК.МК)

    Поради недостигот на конзерватори и стручен кадар ставено е во мирување реставрирањето на живописот во манастирската црква „Св. Димитрија“ крај Велес, откриен есента 2017, на сводот под камбанаријата. Тоа откри дека црквата е градена со камбанарија, некаде околу 13 век, далеку порано отколку што дотогаш се мислеше.

    „Има еден сериозен проблем, што Македонија има мал број конзерватори. Тоа се провлекува со децении. И затоа е физички невозможно една мала екипа да интервенира на територијата на државата. Се прави листа каде ќе се работи, каде се излегува на терен“, кажа Владо Мукоски, конзерватор од Националниот конзерваториски центар.

    При досегашните работи, кои започнаа 2017 година, беше откриена фреска на ктиторот на манастирот, кој в рака ја држи макетата. Тој е раскошна одежда, каде има двоглав орел, симбол користен во Византија, а подоцна прифатен од други народи и држави. На сводот од нартексот беа откриени слики од Страшниот суд.

    При досегашните работи, кои започнаа 2017 година, беше откриена фреска на ктиторот на манастирот, кој в рака ја држи  макетата. (Фото: СДК.МК)

    Иако се работеше пет години, остана уште доста за работа во манастирската црква, чистење на сводот, работа на живописот од 19 век. Но досега ништо не е сторено за негова популаризација, да доаѓаат посетители и ја видат неговата убавина. Со реставрацијата на храмот и конзервирањето на фреските, Велес треба да добие нова туристичка понуда од верскиот туризам, после црквата „Св. Пантелејмон“.

    За околу 50 отсто е намален бројот на професионален и квалификуван кадар во службите за заштита на спомениците на културата, во последните дваесет години, вели Константин Димитровски, директор на Конзерваторски центар Скопје и конзерватор-советник. Ескпертите за заштита на културното наследство во земјава со години алармираат дека на толкаво значајно богатство во земјава, ќе останеме без кадар кој ќе работи на негова заштита.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира