Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека Израел ќе ги прекине сите врски со Газа откако ќе го порази Хамас.
„Откако ќе заврши војната со Хамас, Израел ќе стави крај на својата одговорност за животот во Газа. Тоа е една од целите на нашата воена операција. Откако ќе го елиминираме Хамас и ќе ги уништиме неговите воени и управувачки способности, ќе се создаде нова безбедносна реалност во регионот“, изјави Галант.
Израел ги повлече своите трупи и доселеници од Газа во 2005, но ја задржа контролата врз воздушниот простор, заедничката граница и крајбрежјето.
Израелските сили продолжија безмилосно да ја бомбардираат Газа во очекување на почетокот на копнената офанзива, што Галант ја најави вчера. Денеска беше срамнета со земја цела населба во северниот дел на Газа и беше погодена православна црква, во која, според локалните власти, загинале 18 луѓе. Израел испратил предупредување до жителите на една населба во градот Захра половина час пред да ја бомбардира, по што одеднаш биле уништени 25 станбени згради.
Во воздушните напади досега загинале најмалку 4.317 Палестинци, 13.000 се ранети, а еден милион се раселени. Според Обединетите нации, досега се оштетени над 140.000 домови, речиси третина од сите домови во Газа, а 13.000 се целосно уништени.