Тетовските планинари во соработка со Националниот парк Шар Планина извршија ремаркирање на пешачката планинарска патека наречена High Scardus Trail, на Шар Планина во делот од македонската страна од планината. Со оваа активност на вработените од националниот пар и планинарите од ПК „Љуботен“ од Тетово обновена е хоризонталната сигнализација на патеката, односно направено е обележување со црвена и бела боја на дрвата, камењата и карпите каде поминува патеката во овој дел од планината. Исто така е поставена и вертикална сигнализација, метални патокази со правците на движење и должината на патеката до целните места. Оваа патека што е обележана на македонската страна на Шар Планина е само дел од една голема планинарска патека која се протега низ планинските гранични региони на Македонија, Албанија и Косово.
„Планинарската патека во македонскиот дел започнува од најсеверниот дел на Шар планина од кај Љуботен, па преминува на косовската страна од планината, од каде во делот на селото Вејце повторно се враќа во македонскиот дел од планината. Тука поминува и низ селата Вешала и Бозовце и оди се до месноста Лешница каде патеката преку Џинибег повторно преминува на косовската страна кај селото Брод. Тоа е транснационална рамна патека за пешачење на долги растојанија и ги поврзува граничните региони на Албанија, Косово и Македонија. Името патеката го добила според латинското има на Шар Планина, а тоа е Scardus, и таа е најзначајниот туристички пакет од областа на планинскиот туризам кој постои во Македонија“ велат од Националниот парк Шар планина.
Целата патека поминува низ три држави – Македонија, Албанија и Kосово, низ 6 национални паркови и поврзува пет планински масиви, сите со над 2.000 метри надморска височина. Таа се состои од 16 главни делови или таканаречени главни патеки во должина од 298 км и 18 споредни патеки во должина од 206 км. во високо-планинските зони на пограничниот регион на овие три земји.
Почетна точка на македонскиот дел од патеката е во тетовското Старе Село, потоа таа поминува преку Шар Планина, Кораб, Дешат, Јабланица и Галичица, а крајната точка е во Свети Наум на Охридското Езеро и оваа патека е во должина од 229 километри.
З. АНДОНОВ