МИ РЕКОА „АЈ ПООДИ МАЛКУ“ И ПАК МЕ ОДБИЈА ЗА ПОМОШ ЗА ТУЃА НЕГА, ВЕЛИ СКОПЈАНЕЦОТ ВАСЕ СТОЈАНОВСКИ, КОЈ ИМА ПОКУСА НОГА ЗА 10 САНТИМЕТРИ, НЕМА КОЛК И ИМА МНОГУ СЕРИОЗНИ БОЛЕСТИ

    МИ РЕКОА „АЈ ПООДИ МАЛКУ“ И ПАК МЕ ОДБИЈА ЗА ПОМОШ ЗА ТУЃА НЕГА, ВЕЛИ СКОПЈАНЕЦОТ ВАСЕ СТОЈАНОВСКИ, КОЈ ИМА ПОКУСА НОГА ЗА 10 САНТИМЕТРИ, НЕМА КОЛК И ИМА МНОГУ СЕРИОЗНИ БОЛЕСТИСтојановски од дете има пократка нога за 10-ина сантиметри, нема колк. Има и дискус херниа, полиартроза, постојани болки во рбетот, во колковите односно во едниот колк. Здравствената состојба му се влошува. (Фото: СДК.МК)

    Тешко се остваруваат правата на граѓаните за добивање туѓа нега, особено ако едвај се движат како скопјанецот Васе Стојановски, а притоа живеат сами и нема кој за нив да трча по институциите додека ги вртат во лавиринт само да не им ја дадат помошта од 5.000 денари.

    По написот во САКАМДАКАЖАМ.МК дека државата постојано го одбива за помошта овој човек со 10 сантиметри покуса нога, без колк и дузина сериозни болести, и покрај тоа што има добиено 4 пресуди пред Управниот суд, конечно тој е викнат на лекарски преглед. Досега не го викаа Васе на преглед, само бланко го одбиваа.

    „Но, комисијата во поликлиника Букурешт ми рече само ‘ај пооди малку’. Не ми направија преглед. Пак донесоа негативно конзилијарно мислење, со кое социјалното во Министерството за труд и социјала пак ме одби за помошта. Поднесов жалба и со жалбата го приложив решението на Врховниот суд во моја корист за судење во разумен рок“, раскажува Стојановски.

    Четири судски постапки и безброј одбивања за туѓа нега, жалби, првостепени, па второстепени одлуки, па вртење во круг на човекот, па пријавувања во инспекции… е долг период, многу години исполнети со јад и изгубена надеж.

    По текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК, Врховниот суд одлучи дека на Васе му е повредено правото на судење во разумен рок и му даде на Министерството за здравство рок од еден месец да одлучи по неговото барање. Но, Министерството пак го одби, зашто на комисијата во Букурешт ѝ се допаднало како оди овој човек кога му рекле „ај пооди малку“, без да му направат детален преглед.

    Инспекторатите постапуваат само формално, не навлегуваат во суштината на проблемот и вообичаено наведуваат какво решение е донесено досега. И толку, не навлегуваат во тоа дали се пробиени роковите и зошто.

    Стојановски од дете има пократка нога за 10-ина сантиметри, нема колк. Има и дискус херниа, полиартроза, постојани болки во рбетот, во колковите односно во едниот колк. Здравствената состојба му се влошува.

    До неодамна земал гарантирана минимална помош од 6.300 денари, па и таа сега му е скратена на 4.200 денари. Беспомошниот болен човек, кому овие пари му се единствениот приход, сега е принуден да поднесува жалби и да се врти во лавиринт со физичката сила што ја нема, и за овој проблем.

    Стојановски со помошта за туѓа нега се бори некако да дојде до 8-9 илјади месечно, зашто неговиот живот со 4.000 денари не е живот!

    Државата од 2017 го врти во круг тешко подвижниот Стојановски, кому поради здробен колк на 9-годишна возраст едната нога му е пократка за 10 сантиметри. Македонското здружение на млади правници правно му помага на Стојановски, но надлежните органи остануваат глуви дури и на пресудите од Управниот суд, одбивајќи да постапат по упатствата што ги дава во нив.

    Здружението во јуни поднело претставка до Народниот правобранител за одбивањето за туѓа нега по четврти пат. Народниот правобранител Насер Зибери веднаш отворил предмет и писмено побарал информации од институциите за случајот на Стојановски.

    „Седма година се борам за помош за туѓа нега. Татко ми почина пред 31 година, ме тераа од него пензија да барам. Здравствената состојба ми се влошува секој ден. Ми треба инвалидска количка веќе, а до скоро не ми беше таква состојбата, се движев само на патерици. Како дете на 9 години бев опериран, немам колк. Вродена аномалија имав. Поради тоа, ногата цел живот ми е пократка за 10-ина сантиметри“, ја кажува Стојановски својата мака.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира