УТРЕ ПОЧНУВА БЕСПЛАТНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, ВО СКОПЈЕ НА ТРИ ПУНКТА

    УТРЕ ПОЧНУВА БЕСПЛАТНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, ВО СКОПЈЕ НА ТРИ ПУНКТАНабавени се 60 илјади дози четиритипни вакцини наменети за бесплатна вакцинација. (Фото: СДК.МК)

    На три пункта во Скопје утре почнува вакцинацијата против сезонски грип, ни изјави директорот на Здравствен дом Скопје Виктор Исjановски. Годинава се пристигнати, како што вели Министерството за здравство, 60 илјади дози четиритипни вакцини наменети за бесплатна вакцинација. Според Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) , вакцинацијата ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици и/или здравствените домови.

    Во Скопје граѓаните може да се вакцинираат во поликлиниките „Бит пазар“, „Идадија“ и во „Букурешт“.
    Исјановски додава дека „Бит пазар“ и„Идадија“ ќе работат во две смени, од 8-19 часот, а во „Букурешт“ вакциналниот пункт ќе работи само втора смена, од 14 до 19 часот.

    Граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација преку веб страницата вакцинација.мк, преку смс порака ќе добијат известување за точниот датум, час и место за вакцинирање.

    Со бесплатна вакцинација ќе бидат опфатени ризичните групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, децата на возраст од 6 месеци до 5 години и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.

    „Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи“, вели Министерството.

    Според ИЈЗ, дополнителни 4.500 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во наведените групи. Цената е 1.500 денари.

    Според последниот извештај на ИЗЈ, од 9 до 15 октомври, во земјава се  66 случаи  на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, за 2,1 пати повеќе во споредба со претходната недела
    (32). Во споредба со истиот период од лани, се регистрира зголемување од 3,3 пати, додека во однос на моделот за последните 13 сезони (29), се регистрира зголемување од 2,3 пати.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира