САД, Јапонија и Јужна Кореја го осудија испраќањето на оружје и воена опрема од Северна Кореја во Русија, велејќи дека имаат потврда за неколку испораки.
Русија и Северна Кореја го негираа трансферот на оружје за потребите на војната во Украина, додека Вашингтон и други извори кажаа дека имало движења на пловила со контејнери меѓу пристаништа на двете земји. Иако е невозможно да се потврди што имало во испораките, некои извештаи велат дека контејнери од Северна Кореја подоцна биле снимени како се истоваруваат во складиште со муниција близу границата со Украина.
„Република Кореја, САД и Јапонија остро го осудуваат снабдувањето со воена опрема и муниција на Руската Федерација од страна на Северна Кореја, за нивно користење против владата и народот на Украина. Ваквите испораки на оружје, за кои можеме да потврдиме дека неколку се комплетирани, значително ќе го зголемат бројот на човечки жртви на руската војна против Украина“, соопштија министерствата за надворешни работи на трите држави.
Тие додаваат дека Северна Кореја на овој начин сака да добие помош од Русија за развој на сопствените воени способности.
Северна Кореја и Русија договорија поблиска воена соработка кога Ким Џонг Ун и Владимир Путин се сретнаа во септември. Пред неколку дена, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го посети Пјонгјанг.
И министерството за одбрана на Велика Британија кажа дека севернокорејската муниција речиси сигурно стигнала во складишта за муниција во западна Русија, кои се користат за поддршка на руските воени операции во Украина.
„Ако Северна Кореја продолжи со овој обем и ова темпо на воени испораки (повеќе од 1.000 контејнери во изминатите неколку недели), таа ќе стане еден од најзначајните снабдувачи на Русија со оружје, покрај Иран и Белорусија. Засега е нејасно што ќе добие Северна Кореја за возврат“, велат Британците.