Тетовскиот градоначалник и лидер на Беса Биљал Касами рече дека државната химна „треба да ги почитува сите различности со кои што живееме секојдневно“, одговарајќи на новинарско прашање за неговата изјава дека во училиштата покрај македонската химна треба да се интонира и албанската.
„Државната химна го повикува само македонскиот народ. Сега знаеме дека името на државата е Северна Македонија и треба да се прилагодиме на реалноста со која живееме. Ако треба сите граѓани да ја почитуваме државната химна, таа химна треба да ги почитува сите различности со кои што живееме секојдневно. Албанците како втор мнозински народ мора да бидат почитувани“, кажа Касами на денешната прес-конференција на албанската опозиција за изборите.
На прес-конференцијата, Касами, заедно со лидерите на Алтернатива и Демократско движење, Африм Гаши и Изет Меџити, го обвинија министерот за надворешни работи Бујар Османи дека како претседавач на ОБСЕ ја злоупотребува функцијата да влијае врз набљудувањето на изборите следната година.