На 30-годишнината од изградбата, темелно се реновира хотелот „Молика“ на Пелистер кој е во државна сопственост и со него раководи ЕСМ Молика.
„Веќе неколку недели во тек е реновирање на собите. Одиме фазно, по вертикали. Се менува дограмата, комплетно се реновираат капатилата, се поставуваат нови водоводни цевки, нов одвод и нов дрвен под. Набавени се нови душеци, нови телевизори и нови мини барови“, рече директорот Миле Велајновски.
Се реконструира и летната тераса, се поставува таванска изолација, се гради камин, а во лоби барот гарнитурите се веќе сменети. Се менува ламперијата и ќе се реконстуира останатата површина од фасадата.
Во тек е постапка за изградба на систем за осветлување на ски-стазата Копанки, со цел во зимскиот период да има и ноќно скијање. Во завршна фаза е изборот на изведувач.
„Молика ќе oдбележи 30 години постоење во ново руво, реновиран и реконструиран, а реновирањето треба да заврши до 30 декември годинава“, вели Велјановски.
Зафатите се од сопствени и средства од АД ЕСМ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА