Операта на Барселона ангажираше „режисер за интимност“ за да се осигура дека на пејчите им е удобно да учествуваат во страсни сцени, што е првпат во Шпанија и реткост во Европа. Оваа функција е создадена откако движењето #MeToo ја потресе филмската индустрија, а исто така и оперскиот свет со обвинувања за сексуално вознемирување.
Режисерката за интимност Ита О’Брајан ја надгледуваше адаптираната драма на Вилијам Шекспир „Антониј и Клеопатра“, која вчера имаше премиера во оперската куќа Гран Театре дел Лисеу во Барселона. О’Брајан, која ги советуваше за интимни сцени продукциите на Ејч-Би-О и Нетфликс, рече дека оперите отсекогаш се вртеле околу драматични приказни и дека историски гледано, пејачот ќе пристигне во градот само неколку дена пред премиерата и не се очекува да разговара за интимните сцени.
„Без тој процес на договор и барање согласност, луѓето беа оставени да се чувствуваат непријатно, малтретирани, апсолутно злоупотребени“, рече таа.
О’Брајан, со 40-годишно искуство во музички театар и глума, е основачка на „Интимаси он сет“, што обезбедува поддршка во ТВ и филмската индустрија. На пробите, таа ги поканува пејачите да се „поврзат со прегратка“, потоа да разговараат за тоа каде се среќни што се допираат или се чувствуваат непријатно.
„Го покануваме пејаот навистина да ни ги каже своите граници и тоа е голема промена во индустријата“, вели таа. „Твоето ‘да’ е твое да, твоето ‘не’ е твое не, а ‘можеби’ е не“.
На неодамнешната проба, О’Брајан провери дали мецосопранот Адријана Бињањи Леска, која ја игра слугинката на Клеопатра, Чармијан, се чувствува удобно да бакнува друга жена во усните, и надгледуваше сцени во кои пејачот што го игра Антониј ја прегрнува Клеопатра. Леска рече дека треба да има режисер за интимност во секоја опера.
„Тоа ни овозможува да го координираме начинот на кој ги правиме работите, комуницираме, се бакнуваме … треба да ни е удобно со сето ова“, рече таа.
Режисерите за интимност и претходно биле користени во продукцијата на телевизиски емисии и опери во САД и Обединетото Кралство.