ДВАЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ ШВЕРЦУВАЛЕ 23 МИГРАНТИ, БЕГАЛЕ ОД ПОЛИЦИЈА ВО СПРОТИВНАТА НАСОКА ВО ЕДНОНАСОЧНА УЛИЦА И ПАДНАЛЕ ВО ЕНДЕК ПРЕД СУДОТ ВО ВЕЛЕС

    ДВАЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ ШВЕРЦУВАЛЕ 23 МИГРАНТИ, БЕГАЛЕ ОД ПОЛИЦИЈА ВО СПРОТИВНАТА НАСОКА ВО ЕДНОНАСОЧНА УЛИЦА И ПАДНАЛЕ ВО ЕНДЕК ПРЕД СУДОТ ВО ВЕЛЕСЕдното момче кое шверцувало мигранти нападнало полицаец кој учествувал во акцијата за нивно апсење. (Фото: СДК.МК)

    Двајца 18-годишници од Штип криумчареле мигранти и бегајќи пред полицијата синоќа паднале во ендек во центарот на Велес. Нивната кола ја бркало возило на Фронтекс и македонската полиција, па шверцерите возеле во спротивната насока од еднонасочна улица и паднале во канал каде се вршат градежни работи, а пред зградата на Основен суд Велес.

    „Од Нов мост се забележа дека доаѓа возило кое безмалку леташе, толку бргу возеше шоферот. И очигледно дека не знаеше оти оваа улица е еднонасочна, започна да вози низ неа. Едното полициско возило со хрватски регистарски таблички беше по него, а македонското возеше по улица Гоце Делчев за да го пресретне на плоштадот Сармаале. Попатно, пикап возилото заврши во каналот“, вели очевидец на настанот.

    За синоќешниот инцидент во центарот на градот, СВР Велес  вели дека едното момче, кое превезувало мигранти, нападнало полицаец кој учествувал во акцијата за нивно апсење.

    „На улица 8 Септември во Велес, полициски службеници од СВР Велес во координација со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги лишиле од слобода А. И.(18) од село Стар Караорман, Штипско и Т. Ј. (18) од Штип, затоа што во товарното возило ‘форд’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал А. И., а сопатник бил Т. Ј., биле пронајдени 23 лица мигранти од Сирија, од кои 10 малолетници. Околу 20.05 часот на автопатот А1, полициски службеници од ПС за граничен надзор Михајлово дале знак за запирање на возилото, но А. И. продолжил со движење и со возилото влегол во Велес и на илица 8 Септември излетал од патот и со возилото паднал во ископ. При приведувањето А. И. физички нападнал полициски службеник“, Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

    Повредено е едно дете, велат од болницата во Велес.

    „Во болницата вчеравечер е донесено дете на 10-годишна возраст, кое се жалело на повреди на главата. Испитувањата покажале дека станува збор за лесна повреда и во текот на денот е пуштено од болница. Со него биле и неговиот татко и уште едно лице, но тие не се жалеле на повреда и не побарале лекарска помош“, соопшти д-р Елена Левкова Ќулумова, задолжена за односи во јавност во Велешката болница.

    По наредба на јавен обвинител ,увид на местото извршила екипа од СВР Велес. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира