Околу илјада апликации се пристигнати на Конкурсот за финансирање на проекти од национален и јавен интерес за култура за 2024 година, кој почна на 3 октомври, а завршува на 6 ноември (понеделник), рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Минатата година пристигнале 3 илјади апликации, а годинава на првиот ден од отворањето на конкурсот стигнале 100 пријави, па министерката се надева дека за време на претстојниот викенд ќе се зголеми бројот. Засега, вели таа, не е пријавен никаков проблем во однос на аплицирањето. И оваа година, електронското пријавување целосно се спроведува преку Националниот портал за е-услуги.
„Оваа година не ни е во план да го продолжиме рокот затоа што немаме никакви проблеми или барања. Минатата година имавме“, кажа таа на денешниот брифинг со новинарите.
Оваа година новитет се креативните индустрии како нова линија, а даден е приоритет и на стратешкиот дијалог со САД, на Отворен Балкан, на млади артисти, нови креативни идеи, уникатни идеи, но не изостанува и традицијата.
„Ги возобновуваме креативните индустрии, кои се поддржуваа до 2017. Тоа значи дека во Предлог-буџетот за 2024 ќе се отвори нова програма, со посебни финансиски средства. Овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите кои се дел од креативните индустрии, кои не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани. Креативните индустрии стануваат битен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето на нова буџетска програма која ќе ги поддржи креативните индустрии е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија“, кажа министерката на 3 октомври.
Б. НЕСТОРОСКА