Она што остана од Јужен булевар во Скопје повеќе личи на депонија отколку на улица во центарот на градот. Целосно се запуштени улицата, тротоарите и просторот во овој дел кој единствено не е земен за да се гради подземната улица, а врз неа висококатниците на „Лимак“.
По тротоарите има прашина која се таложела долго време, околу контејнерите стои купишта кабаст отпад кој никој не го собира со денови. Просторот што не е асфалтиран е претворен во див паркинг. Насекаде има расфрелно ѓубре, искршено стакло, даски и друг отпад.
Улицата која е оставена за сообраќај е целата со дупки, нема обележена сигнализација, а импровизираниот пат кој е направен за приклучок на улицата Свети Кирил и Методиј кон ТЦ „Рамстор“ е тесна, пешаците немаат каде да се движат, па одат по неа низ коли и камиони.
Јужен булевар беше затворен во 2018, кога турската компанија „Лимак“ почна да го гради комплексот згради заедно со подземната сообраќајница. Дел од комплексот е веќе готов, комплетно се готови две 20-катници, а другите две ќе бидат изградени догодина. Пред две недели беше отворен и трговскиот центар, но подземната сообраќајница џабе се гради оти не се прават приклучоците за неа, ниту пак Град Скопје има намера да ги почне.
Див бесплатен паркинг на Јужен булевар. (Фото: К. Попов)
А. АНТЕВСКА