(Специјално од Солун: Марина КОСТОВА)
Двојниот оскаровец Александер Пејн на Солунскиот фестивал го претстави својот нов, осми филм „Останатите“ (Holdovers), кое е само второ негово дело за кое не го напишал сценариото. Пејн освои оскар за најдобро сценарио за „Бочно“ и за „Потомците“ за кои исто така беше номиниран и за најдобар режисер, а за истата категорија беше номиниран и за „Небраска“.
„Би бил среќен ако вештачката интелигенција ми напише сценарио, а јас само да режирам“, се пошегува тој додавајќи дека сепак завршил школа за режија, и дека пишувањето му е многу напорно оти е тежок и долг процес.
„Да речеме дека ова ми е прв филм во кој режирам дело на друг сценарист. Го најдов сценаристот, му дадов идеја за заплет. Заедно дојдовме до приказната, тој ми покажа бројни верзии. Се вклучив во сценариото, иако не си земам авторство. Резултатот, сепак, има личен печат од нас двајцата, и од сценаристот Дејвид Хемингсон и мој“, рече Пејн на прес-конференцијата во Солун.
„Останатите“, еден од најдобрите негови филмови, се случува во 1970-те во реномирано американско интернатско средно школо во кое учат главно деца на богатите и привилегираните, а е приказна за еден професор (Пол Џамати), еден ученик (Доминик Сеса) и школската готвачка (Да’Вине Џој Рандолф) кои немајќи каде да одат ќе останат во школото за Божиќните празници. Нивните меѓусебни врски се прочистуваат и се продлабочуваат до искрен човечки контакт испреплетен со многу специфичен хумор, горчина и нежност.
Во филмот Пејн по 18 години соработува со Пол Џамати, кој ја игра главната улога, циничниот професор, а режисерот вели дека ја напишал за него, па и ликот се вика Пол.
„Му се јавив на Пол и му реков напишав улога за тебе, а кога го прочита сценариото ми рече ‘Одлично, имав таков професор, знам како ќе ја играм улогата’. Тој е најголемиот актер. Нема ништо што не може да одигра. Тоа е исто како да им дадете улога на Мерил Стрип или Лоренс Оливие. Љубопитни сте да дознаете што ќе направи овој одличен актер со улогата. Тој навистина е толку добар.“, рече Пејн.
За улогата на ученикот, која ја игра дебитантот Доминик Сеса, Пејн рече дека кастинг директорот видел 800 кандидати, а од нив тој самиот видел 80-на.
„Никој од нив не ни се допадна. Не сакав да имам 20 и кусур-гдишни актери кои се преправаат дека се тинејџери. Сакав вистински тинејџери. Потоа стапивме во контакт со училиштата каде што требаше да снимаме и ги повикавме професорите по драма. Тогаш го забележавме Доминик. Му верував оти има релевантност за улогата. Имавме 8 аудиции со него, првите две беа катастрофа, но потоа со водство тој се разви не само во добар актер туку во добар филмски актер, кој е добар пред камера“, рече Пејн.
Тој кажа дека локациите му се клучни во секој филм и дека вообичаено поминува долг процес за барање локации пред сите други подготовски за снимање. Овој филм се снимен целосно на оригинална локација, старо школо во Масачусетс, па ништо не е изградено специјално за снимањето.
Во филмот има отворена референца за тоа дека во војната сиромашните војуваат за богатите, но Пејн рече дека тоа не е нужно коментар на современата состојба.
„Така беше пред 50 години, така е секогаш. Но, мислам дека во филмот тоа не мора да претставува коментар за денешницата. Тоа не е ни коментар. Тоа е признание за една одамна воспоставена ситуација“, рече тој и додаде: „Во филмот има една реплика која јас ја нашишав – Историјата не е само за минатото, туку е и објаснение за сегашноста“.
Зборувајќи за својот процес на работа некогаш и сега, рече дека сега е многу покомотен во врска со техничкиот аспект на снимањето и режијата.
„Сега сум повеќе комотен да се фокусирам на емоцијата во филмот, на човечкиот материјал. Мислам дека тоа доаѓа со искуството и со годините на зрелост“, рече Пејн.