ПРВИН ДА КАЖЕТЕ ЗА ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ ДАМЕВА И ЦРВЕНКОВСКА, ПА ПОСЛЕ ВИКАЈТЕ МЕ НА СОСЛУШУВАЊЕ ЗА ДАДЕНО ИНТЕРВЈУ, МУ КАЖА БЕСА АДЕМИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ

    ПРВИН ДА КАЖЕТЕ ЗА ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ ДАМЕВА И ЦРВЕНКОВСКА, ПА ПОСЛЕ ВИКАЈТЕ МЕ НА СОСЛУШУВАЊЕ ЗА ДАДЕНО ИНТЕРВЈУ, МУ КАЖА БЕСА АДЕМИ НА СУДСКИОТ СОВЕТПо добивање на најновиот извештај од ЕК неделава, и по резултатите од Оценската комисија која собрала информации за сериозни притисоци во Судскиот совет од политичари по име и презиме, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, смета Адеми (Фото:К.Попов)

    Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми денеска не му отиде на Судскиот совет кој за во 11 часот закажа нејзино сослушување, откако во петокот во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК таа кажа дека има политички притисоци врз судството.

    „На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Советот. И покрај ваквите укажувања, јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело. Законските одредби на кои се повикувате во поканата до Претседателот на Врховниот суд (иако погрешно цитирани и во двете верзии), беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот кој ја гарантира независноста на судството“, побара денеска Адеми да не се прави глув Судскиот совет за притисоците од политичките, но и од бизнис-моќници, на кои се пожалија Дамева и Црвенковска.

    Веднаш штом беше објавено интервјуто со наслов: ПРИСУТНА Е ПОЛИТИЧКАТА ЗАКАНА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ВРХОВНИ СУДИИ, АМА НЕМА ОСНОВ ДА ОЖИВЕЕ АБОЛИЦИЈАТА НА ГРУЕВСКИ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ВРХОВНИОТ СУД БЕСА АДЕМИ, претседателот на судскиот совет Сашко Георгиев закажа нејзино сослушување. Веднаш ѝ беше испратена и покана.

    Потоа, во одговорот до Судскиот совет кој денеска таа го објави во целост, ги потсетува членовите кои клучни меѓународни фактори кои ги следат и помагаат демократијата и владеењето на правото, нотираат и предупредуваат за политичко мешање во судската власт, влечејќи ја земјата во бездна.

    За политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството. Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото. Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет. Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството“, го потсетува Судскиот совет претседателката на Врховниот суд да прочита каде се пишува за политички притисоци врз судии.

    Доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет, му се обраќа Адеми на Советот.

    Патем, на членовите на Судскиот совет им кажува дека оваа недела, по добивање на најновиот извештај од ЕК и по резултатите од Оценската комисија која собра информации за сериозни притисоци во Судскиот совет од политичари по име и презиме, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира