Хрватскиот министер за здравство Вили Берош им препорача на граѓаните да пијат вода по неколку мистериозни случаи на труење во земјата поврзани со газирани безалкохолни пијалаци. Досега се потврдени случаи на труење во Загреб и Риека.
Иако труењето во едно кафуле во Риека се случило уште во саботата, надлежните дури вчера реагирале, откако на социјалните мрежи масовно почнале да се шират пораки за наводни труења.
„Станува збор за исти дијагнози, но не и за исти пијалаци. Во Риека стануваше збор за ароматизирана минерална вода ‘ромеркел‘ во стаклено шишенце, а во првиот случај во Загреб труењето настанало по пиење ‘кока-кола‘ од пластично шише, купено од автомат на Природно-математичкиот факултет“, изјави Берош.
Хрватските медиуми објавија дека „ромеркел“ се полни во Австрија, а „кока-кола“ во Хрватска.
Берош кажа дека хоспитализираните имале хемиски повреди на хранопроводникот и желудникот, а најсериозна е состојбата на пациентот во Риека. „Индекс“ објави дека денеска имало уште неколку сомнителни случаи, но никој не бил примен во болница.
„Дали граѓаните се сигурни? Тоа не може да се каже во овој момент. Најдобро е да се пие вода. Денеска имаме уште неколку случаи, но со лесни повреди. Мора да бидеме внимателни, но не треба да се шири паника“, изјави Берош.