СТАКЛЕНИЦИТЕ И НАЈЛОНИТЕ ГО ПРОГОЛТАА ШИРОК СОКАК, ПОТРЕБЕН Е НОВ ПРАВИЛНИК ЗА УРБАНА ОПРЕМА ШТО НЕМА ДА ЈА ГРДИ БИТОЛА

    СТАКЛЕНИЦИТЕ И НАЈЛОНИТЕ ГО ПРОГОЛТАА ШИРОК СОКАК, ПОТРЕБЕН Е НОВ ПРАВИЛНИК ЗА УРБАНА ОПРЕМА ШТО НЕМА ДА ЈА ГРДИ БИТОЛАСопствениците на локалните кафулиња велат дека и тие не се најсреќни што поставуваат стакленици, но доколку ги остранат ќе им се загрозат бизнисите зашто дури 80 до 90 отсто од гостите се пушачи. (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот Широк Сокак и оваа зима ќе биде тесен поради стаклениците и најлоните со кои пред кафулињата се заградува дел од улицата и се поставуваат маси и столици за пушачите. На 15 ноември во сила стапува стариот зимски режим за поставување урбана опрема, донесен од Општина Битола, кој подразбира високи огради од метал и стакло, горе покриени со тенди. На амбиенталната улица во должина од половина километар оградувања ќе има пред дваесетина локали. Освен што го нагрдуваат ликот на симболот на градот и го попречуваат погледот кон историските објекти, на одредени места создаваат тесни грла за минување одвај широки по два до три метри.

    „Ова не е најдобро решение, битолчани ги нарекуваат ‘гулабарници’. Замислете вакви огради на Шанзелизе во Париз или на Страдун во Дубровник“, велат битолчани, но немоќни се ништо да сменат.

    Сопствениците на локалните кафулиња велат дека и тие не се најсреќни што поставуваат стакленици, оти се свесни дека се нагрдува ликот на градот. Но, доколку ги остранат ќе им се загрозат бизнисите зашто дури 80 до 90 отсто од гостите се пушачи, а законот не дозволува да се пуши во затворено.

    „Како угостители можеме да кажаме дека внатре во објектите не влегува човек, сите седат надвор. Колку што овозможуваат временските услови, просторот пред локалните го оставаме отворен. Но, кога ќе застуди, гостите бараат да им е топло. Во Битола зимите често се екстремно студени или пак дува ветер, па не е пријатно да седите надвор. Нема да можат да опстанат угостителските објекти ако не е затворениот дел. На зима нема да има профит, а ова се бизниси од кои живеат битолски семејства, па треба да се поделат и плати. И Општината има прилив на средства од 400.000 евра од поставената урбана опрема. Таа кафе шема на Широк Сокак ја движи доста економијата во Битола. Многу важна работа е угостителството, ние сме лидери во регионот“, вели Марио Трифуновски од Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ од Битола.

    Додава дека знаат оти стаклениците не се идеално решение, па кај нив има волја да се разговара за наоѓање на друг посоодветен начин и не се противат на таквата инвестиција.

    „Поставувањето на грејачи на плин е соодветно за Солун или други места каде што е потопло и нема екстремно ладни температури. Но, Битола во зима е студена. Треба да се седне и да се најде решение, да биде автентично на старата архитектура, не сме против тоа“, додава Трифуновски.

     

    Во Битола нема реонизација на цената за поставување урбана опрема и секаде чини 15 денари за квадратен метар, и на Широк Сокак и на периферијата на градот. (Фото: СДК.МК)

    Правилникот за поставување на урбана опрема е од 2016 , па претседателката на Советот,  Габриела Илиевска од Поинаку бара да се формира работно тело со сите засегнати страни за да се изработи нова програма.

    „Ние мора да отпочнеме нова програма со целосна видоизменетост со она што го имаме на терен. Мора да го имаме во предвид и моментот на економски развој на градот бидејќи зборуваме за луѓе кои имаат свои бизниси и сметам дека тие треба да бидат вклучени во изработката на програма и да бидат благовремено известени што ќе се случува. На градот му треба зааедничка програма со која сите ќе добијат, а никој нема да изгуби. Сведоци сме, граѓаните реагираат дека на Широк Сокак нема веќе место каде да се помине, реагираат на изгледот, и јас мислам дека го нагрдуваат Широк Сокак, но во тие објекти работат битолчани и на повеќето им е единствениот приход во нивниот живот. Може да се најде решение само доколку се вклучат сите засегнати страни. Изработката треба да започне час поскоро и да биде готова до почетокот на следната туристичка сезона во Битола“, рече Илиевска.

    Во Битола нема ни реонизација на цената за поставување урбана опрема и секаде чини 15 денари за квадратен метар, и на Широк Сокак и на периферијата на градот.

    Од Општина Битола соопштија дека општинското раководство одржало состанок со претставниците на Здружението „Еснаф“ и координатори на советнички групи, на кој воопшто не бил даден предлог за забрана за поставување на урбана опрема. Согласно заклучокот, Општината изготвила предлог програма за поставување на урбана опрема за тераси со или без настрешници, отворени или покриени шанкови, за зимскиот период, непроменета од претходната зимска сезона, по однос на граници, опфат, содржина. Изготвената програма е предлог-точка на дневен ред на Советот на 9 ноември, а нејзиното донесување е во директна надлежност на Советот, кој може да ја усвои или да не ја усвои, од што зависи и спроведувањето.

    Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ, пак, на последната Комисија за комунални дејности побара да се дозволи урбана опрема да се поставува и во старата чаршија.

    „Предлагам измена во програмата за дозволување да се постави урбана опрема во Старата чаршија на улици каде дозволува физичкиот простор во согласност со комуналниот инспекторат. Мислам дека треба да дадеме можност и простор полека некои субјекти да се префрлат во Старата битолска чаршија за да го вратиме автентичниот изглед на градот“, рече Илиевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира