Вторпат во изминатите недели, САД извршија напади во источна Сирија, при што било гаѓано складиште на оружје за кое Пентагон кажа дека го користеле Иранската револуционерна гарда и групи поврзани со Иран. Додека се засилува конфликтот помеѓу Израел и Хамас, САД и коалициските трупи биле нападнати повеќе од 40 пати во Ирак и Сирија од почетокот на октомври. Пентагон кажа дека притоа биле повредени 45 припадници на американската војска.
„Нападот во Сирија беше извршен од два борбени авиона ‘Ф-15‘ и беше одговор на неодамнешните напади врз американските сили. Овие напади мора да запрат“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
САД последен пат бомбардираа цели во Сирија на 26 октомври.
Во Вашингтон постои загриженост дека војната во Газа би можела да се прошири низ Блискиот Исток, со што американските сили во тамошните изолирани бази би можеле да станат мета. САД имаат околу 900 војници во Сирија и 2.500 во Ирак.
Пентагон потврди дека јеменските хутски бунтовници, кои се поддржани од Иран, собориле американски дрон. Инцидентот се случил покрај брегот на Јемен.
Минатиот месец, американски воен брод пресретна неколку дронови и крстосувачки ракети истрелани од Јемен кон Израел. САД преселија воена опрема, вклучувајќи носачи на авиони, во Црвеното Море поради засилувањето на тензиите во регионот.