Унијата на американските актери САГ-АФТРА постигна начелен договор со холивудските филмски студија, со што ќе се стави крај на неколкумесечниот штрајк. Таа постигна договор со Алијансата на филмските и телевизиските продуценти по цели 118 дена застој во работата.
Во комбинација со штрајкот на сценаристите, ова ја парализираше целата забавна индустрија и го одложи снимањето на бројни филмови и ТВ-серии. Актерите бараа подобра распределба на приходите од стриминг сервисите и заштита од употребата на вештачката интелигенција.
„Успеваме! Ви благодарам на сите што издржавте и помогнавте да се постигне овој историски договор“, изјави претседателката на САГ-АФТРА, Френ Дрешер.
Главниот преговарач Данкан Кребтри-Ајрленд изјави дека тригодишниот договор ќе направи долгорочна разлика за членовите на индустријата.
Унијата кажа дека договорот е вреден повеќе од една милијарда долари и предвидува покачување на минималната плата, нов бонус од стримингот и поголема заштита на ликот и гласот на актерите од вештачката интелигенција. Штрајкот и официјално ќе заврши денеска, а утре ќе бидат објавени повеќе детали.
Актерите стапија во штрајк на 14 јули, придружувајќи им се на сценаристите и беше поддржан од најголемите ѕвезди во Холивуд.