ВИКТОР ГАБЕР И ЗОРАН СТРЕЗОВСКИ ГИ ОБЕДИНИЈА СВОИТЕ КОЛЕКЦИИ ВО МОНОГРАФИЈА ЗА ПОШТЕНСКИТЕ КАРТИЧКИ ОД ВЕЛЕС

    ВИКТОР ГАБЕР И ЗОРАН СТРЕЗОВСКИ ГИ ОБЕДИНИЈА СВОИТЕ КОЛЕКЦИИ ВО МОНОГРАФИЈА ЗА ПОШТЕНСКИТЕ КАРТИЧКИ ОД ВЕЛЕСНа промоцијата, монографијата беше опишана како ретка книга, не само во Македонија, туку и во светски рамки (Фото: СДК.МК)

    Четиристотини и педесет поштенски картички најдоа место во монографијата „100 години Велес, историја на поштенските картички“, дело на филателистите и колекционери Виктор Габер и Зоран Стрезовски. Оваа монографија, според авторите, е прва од таков вид во Македонија.

    „Поштенски картички за Велес имам излагано во Белград, Атина, Прага, па дојдовме на идеја со колегата Зоран заеднички да ги објавиме сите картички што се издадени од турско време наваму. Така го опишуваме Велес низ еден развоен циклус во период од 100 години. Картичките ги наоѓаме на размена или ги купуваме преку интернет. Поради комуникациската врска, посебно со изградбата на железницата, Велес добива на значење, а со тоа и потреба од поштенски картички. Дел од нив се објавени во оваа книга“, кажа Габер.

    Освен Велес, богат фонд поштенски картички имало и за Охрид, Скопје и Битола.

    Во книгата ја има и првата поштенска картичка од Велес, издадена во 1899 на турски јазик од велешанецот Тодор Христов

    „Пред некоја година му предложив на Виктор да ги обединиме нашите колекции на поштенски картички од Велес и да објавиме книга, со што ќе оставиме трага, белег. Најтешко се наоѓаат од времето на османлиското владеење, малку ги има, ретки се, а и временската дистанца прави тешко да се наоѓаат. Книгата е своевидна галерија на слики од Велес во период од еден век“, рече Стрезовски.

    Тука ја има и првата поштенска картичка од Велес, издадена во 1899 на турски јазик од велешанецот Тодор Христов, со поздрав од Купурли, турското име на Велес. На 24 март 1899 била испратена за Венеција.

    Промотор на книгата беше книжевникот Васил Тоциновски.

    „За делото би рекол дека е магично и извонредно значајно. Тоа е ретка книга, не само во Македонија, туку и во светски рамки. На поштенските картички има испраќач и примач, но она што ги прави значајни е текстот. Велес оваа монографија ја заслужува со своето револуционерно и културно наследство. Ова е енциклопедиско дело. Десетината автори, велешани кои своевремено издавале поштенски картички, имале европски манири, мисла и идеи“, изјави Тоциновски.

    Книгата е издадена од локалната власт на Велес, во рамките за одбележувањето на 9 Ноември, Денот на општината.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира