МОН Ѝ ЈА ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИЈАТА НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА ЕДНО УЧИЛИШТЕ, ЌЕ ИМА И ЗА ДРУГИ АКО ТРАЈНО НЕ СЕ ВРАБОТАТ НАСТАВНИЦИТЕ КОИ ГИ ИСПОЛНУВААТ ЗАКОНСКИТЕ УСЛОВИ, РЕЧЕ ШАЌИРИ

    МОН Ѝ ЈА ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИЈАТА НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА ЕДНО УЧИЛИШТЕ, ЌЕ ИМА И ЗА ДРУГИ АКО ТРАЈНО НЕ СЕ ВРАБОТАТ НАСТАВНИЦИТЕ КОИ ГИ ИСПОЛНУВААТ ЗАКОНСКИТЕ УСЛОВИ, РЕЧЕ ШАЌИРИСите тие наставници кои беа досега на работа и ги исполнуваат критериумите за трансформација, да се вратат на работните места и да не се донесуваат одлуки со политичка позадина, рече Шакири. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за образование и наука (МОН) ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Битола за Основното училиште „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, а министерот Јетон Шаќири најави дека истото ќе се случи уште со неколку училишта во Битола ако не им биде трансформиран работниот однос на просветните работници кои законски ги исполнуваат условите за трајно вработување. Шаќири рече дека станува збор за 10 до 12 наставници кои наместо вработување на неопределено време, се отпуштени од работа.

    „По почнувањето на новата учебна година, истовремено има просветни работници во Општина Битола кои работат подолго од 2, 3,4 5 години, а за нив од Комисијата се доставени предмети за трансформација на нивниот работен однос. Но, не знам од какви причини директорите на основните училишта, истите тие наставници кои ги имаат поминато сите потребни законски предвидени обврски за трансформација, веќе не се на работните места“, рече Шакири.

    Тој додаде дека од Општина Битола побарале да постапуваат според законските прописи.

    „Сите тие наставници кои беа досега на работа и ги исполнуваат критериумите за трансформација, да се вратат на работните места и да не се донесуваат одлуки со политичка позадина. Ако не се постапува јас ќе ги заштитам просветните работници и ќе ја оздземам ингеренцијата на Општината, тоа е крајна одлука што ќе ја преземам како министер, сакам разбирање со локалната самоуправа и да го спроведува законот за основно и средно образование“, рече министерот.

    Од Општина Битола  на нашите прашања одговорија дека во случајот за училиштето во Кукуречани се работи за неправедно одземени ингеренции во делот на именување и разрешување на директор, а не поради трансформација на работни места. Во однос на барањата за трансформација, до Министерството испратиле вкупно 68 барања, а добиле согласност само за 49. Во мај годинава, добиле известување од МОН дека се една од десетте пилот-општини, опфатени со процесот за оптимизација на мрежата на основни училишта.

    „Со цел да не дојде до создавање на технолошки вишоци, од Општината пристапено е кон спроведување на потребната анализа и целата документација е испратена до МОН, со резултатите според кои бројот на ученици во основните училишта во учебната 2019-2020 бил 7.615, а во 2023/2024 е 7.460. Исто така, во основните училишта бројот на паралелки е 256 со 4.150 ученици во одделенска настава, што значи дека станува збор просечно за 16 ученици во паралелка, а законскиот минимум е 20 ученици“, вели Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира