ГАБРИЕЛА ГАЈДОВА ОД ВЕЛЕС, НАЈФАЛЕНИОТ ПРОФИЛ НА СУДИЈА ДЕНЕСКА, ИЗБРАНА СО УШТЕ ТРОЈЦА КРИВИЧАРИ ЗА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА

    ГАБРИЕЛА ГАЈДОВА ОД ВЕЛЕС, НАЈФАЛЕНИОТ ПРОФИЛ НА СУДИЈА ДЕНЕСКА, ИЗБРАНА СО УШТЕ ТРОЈЦА КРИВИЧАРИ ЗА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈАГабриела Гајдова е едукатор на младите судии и обвинители, објавува трудови и книги, на ретки теми, како што е лекарската грешка. (Фото: Основен суд Велес)

    Лазар Нанев, судија од Основен суд Кавадарци, првоrангираниот на листата, денеска отвори дебата во Судскиот совет по паузата на седницата, на која претходно беа избрани четворица судии во Апелациониот суд Скопје.

    Весна Дамева од Судскиот совет кажа дека за неа не се доволни само бодовите, туку однесувањето и постапувањето на секој судија.

    „Инволвиран е во неколку ситуации, кои не се докрај расветлени”, смета Дамева и кажа дека нема да гласа за него за судија во Апелационен суд Скопје.

    Антоанета Димовска дополни дека судијата го следат многу контроверзи.

    Но Лорета Георгиева го одбрани, кажа дека има пресумпција на невиност, а Судскиот совет ништо не утврдил за него.

    Со 8 гласови „против”, тој не ја доби поддршката за судија во кривичниот оддел во Апелациониот суд Скопје.

    Втора на ранг-листата беше д-р Габриела Гајдова, судија од Основниот суд Велес, која ја доби довербата на членовите на Судскиот совет со сите 12 гласа „за”. Таа е едукатор на младите судии и обвинители, објавува трудови и книги, на ретки теми, како што е лекарската грешка.

    „Таа не само што учествува на конференции и тркалезни маси, туку е храбра и да го креира казненото право”, кажа Дамева, а по неа сите 11 членови редеа комплименти, истакнувајќи ја како редок пример на кариера во судството.

    По неа, не беше избрана судијата Оља Ристова од Основниот суд Скопје, па се отиде на четврторангираниот кандидат, Бетим Јахја од првите генерации судии од Академијата за судии и јавни обвинители.

    Но, тој не собра 8 гласа. Седум гласа „за” не му беа доволни на Јахја за унапредување.

    Александра Ристеска од Основниот кривичен суд Скопје, со 9 гласа, помина за Апелациониот суд Скопје.

    Судијата Даниела Алексовска-Стојановска, која го водеше предметот “Талир 2”, најкомплицираниот и исклучително тежок за разбирање, а се работеше за финансиски криминал за Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и Бетон, не беше избрана за Апелациониот суд Скопје, иако членовите за неа рекоа дека е исклучително квалитетен судија, зад која нема точка прашина.

    Верка Костовска од ОС Тетово, како и нејзиниот колега Бетим Јахја, не помина за во Апелација. Чекајќи две години колку што се развлечка овој избор на судии, таа се наближила кон пензија.

    Љубомир Ѓорѓевиќ од ОС Куманово и Љубинка Башеска од ОС Скопје, не собраа доволно гласови.

    Но следната на ранг-листата, долгогодишната судијка Весна Димишкова со 11 гласови, беше унапредена во апелациона судијка во Скопје.

    Судијата Ивица Стефановски од Кривичниот суд не помина.

    Четвртото и последно слободно место на огласот му припадна на судијата Осман Шабани од одделот за организиран криминал и корупција.

    На огласот за овие 4 места се пријавиле 24 кандидати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира