ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО НА БАРАЊЕ НА ДУИ, ПОРАДИ ТОА ШТО ВО МАНАСТИРОТ НА ПОПОВА ШАПКА Е ПОСТАВЕН КРСТ

    ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО НА БАРАЊЕ НА ДУИ, ПОРАДИ ТОА ШТО ВО МАНАСТИРОТ НА ПОПОВА ШАПКА Е ПОСТАВЕН КРСТСоветниците од БЕСА им кажаа на колегите од ДУИ вака не реагирале кога во времето на Теута Арифи на Попова Шапка без дозвола се изгради џамија; - Крстот вово манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски Чудотворец“ . (Фото: СДК.МК)

    Вчера во повеќе медиуми на албански јазик беа објавени фотографии за поставен 15-метарски крст во манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка. Овој настан за советниците на ДУИ во Советот на Општина Тетово беше примен како некоја голема природна катастрофа што го снашла Тетово, па за денес побараа итно да се свика вонредна седница на Советот на Општината со само една точка на дневниот ред: „Информација за поставување крст на Попова Шапка“. Седницата беше свикана во рекордно време и се одржа во доцните попладневни часови.

    „За да се свика вонредна седница на Советот треба да има доставено барање од најмалку 11 советници, односно една третина од составот на Советот. За свикување на оваа вонредна седница овој услов не беше исполнет, па можев и да не ја свикам оваа седница. Но, за да се образложи пред јавноста и пред советниците, видов потреба седницата сепак да се закаже“, кажа на почетокот од вонредната седница претседавачот на Советот Бесар Дурмиши.

    Одржувањето вонредна седница беше побарано од советничката група на ДУИ, а нејзиниот координатор Лиридон Диша побара информација какви активности презел општинскиот инспекторат за да се спречи поставувањето на овој верски објект на Попова Шапка.

    „Нема потреба од етничка тензија. Сè е направено според процедурите од страна на општинскиот инспекторат. Излеговме на лице место, направивме увид на објектот, побаравме од сопствениците дали имаат решение за градба, претставниците од црквата ни покажаа само имотен лист, направивме записник и понатаму ќе постапуваме според процедурите“, изјави раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани.

    Но од овој одговор не беа задоволни советниците од ДУИ, па почнаа жестока расправа со советниците на БЕСА и бараа овој објект итно да се руши. На ова добија одговор дека од ДУИ вака не реагирале кога во времето на Теута Арифи на Попова Шапка без дозвола се изгради џамија и дека ова со поставувањето на крстот е дело на ДУИ и СДСМ кои вака сакаат да ги намалат успесите на локалната власт во Тетово предводена од БЕСА.

    Во дискусијата се вклучија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Сакам да изразам една фрапираност, бидејќи бевме свикани на оваа вонредна седница како да се работи за некој земјотрес, пожар или некоја друга катастрофа. Ова е работа на институциите. Кај нас постои секуларност на општеството. Ние сме за почитување на законите, но со еднаков третман за сите чинители во општеството. Не ја гледавме ваквата ваша загриженост кога се градеше џамијата на Попова Шапка, а ние македонските верници воопшто не бевме против верските чувства на муслиманите. Во овој случај, покрај законито постапување на службите повикуваме и на разум за да не се разгорат верските тензии меѓу граѓаните. Потенцирам, се работи за постамент поставен на имот на Македонската православна црква. Крстот е составен дел на храмот и не може да се третира како посебен објект“, кажа Анита Бошкоска-Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

    Овој став на ВМРО-ДПМНЕ беше подржан и од советничката група на СДСМ, но ова воопшто не ги смири страстите на советниците па бурната расправа продолжи и понатаму поради што советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

    Жестоката дискусија и меѓусебните обвинувања помеѓу ДУИ и БЕСА продолжи со несмалено темпо за тоа кој стои зад поставувањето на крстот во манастирот на Попова Шапка. На вонредната седница присуствуваше и градоначалникот на Тетово Билал Касами, но тој не се јави за дискусија. По речиси еден час расправија и советничката група на ДУИ ја напушти седницата па поради немање кворум претседавачот Дурмиши ја затвори расправата и вонредната седница заврши.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира