НАСКОРО ЌЕ СЕ РАСПРЕДЕЛАТ СТАНОВИТЕ ОД СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА ВО ВЕЛЕС, КОЈА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПРЕД ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ

    НАСКОРО ЌЕ СЕ РАСПРЕДЕЛАТ СТАНОВИТЕ ОД СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА ВО ВЕЛЕС, КОЈА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПРЕД ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИВо зградата со пет ката има 29 стана (Фото: СДК.МК)

    Станбената зграда наменета за социјално ранливите категории од Велес и Велешко наскоро треба да биде предадена за користење и Министерството за транспорт и врски треба да објави повик за распределба на 29 стана. Ова го најави вицепремиерот Фатмир Битиќи при денешната посета на Велес.

    Овде сме за да покажеме дека водиме грижа и создаваме можности за оние на кои им е најпотребно. На 29 социјално ранливи граѓани, лица без родители, лица со посебни потреби, со ниски примања им создаваме реална можност за сопствен дом, дом за себе, за своите деца. Се радувам што зградата ја гледам во финална фаза, во очекување на објава на распределба на становите“, кажа Битиќи.

    Зградата има пет ката, со површина на становите од 40 до 45 квадратни метри. Инвестиција е на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Започна да се гради на 14 април 2021, со најава дека ќе биде готова за една година, потоа рокот се продолжи до октомври 2022, но и натаму не е предадена за користење. Причина за толкаво доцнење вицепремиерот гледа во надворешни фактори.

    Имаше различни состојби: ковидот, покачувањето на цените на градежните материјали, економска криза, објективни причини. Жалам што пред една година не ги предадовме клучевите. Се радувам што зградата конечно е готова“, рече Битиќи.

    Соседите на зградата зборуваа дека на почетокот на градбата двапати биле рушени темелите поради слабиот квалитет на материјалот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира