Северна Кореја тврди дека лансирала шпионски сателит, неколку часа откако Јужна Кореја предупреди дека тоа би можело да се случи. Од канцеларијата на јапонскиот премиер, пак, соопштија дека Северна Кореја можеби испукала балистички проектил, при што на жителите на островот Окинава им беше кажано да побараат засолниште.
Ако се потврди дека е шпионски сателит, тоа би бил трет обид на Северна Кореја да го лансира оваа година. Нејасно е дали денешното лансирање било успешно.
Северна Кореја претходно ја известила Јапонија дека планира да лансира сателит меѓу 22 ноември и 1 декември, при што биле означени три поморски зони каде што би можеле да паднат остатоците од ракетата.
Лансирање шпионски сателит е дамнешна желба на Ким Џонг Ун. При посетата на Русија во септември, тој добил ветување од Владимир Путин дека Русија ќе ѝ помогне на Северна Кореја да изгради сателити.
И Јужна Кореја најави дека ќе лансира шпионски сателит на крајот на ноември, прв од планираните пет.