Министерството за здравство одобри дополнителни 1,6 милиони евра (100 милиони денари) за обезбедување на лекот „кафтрио“ („трикафта“) во комбинација со „калидеко“ за дополнителни пациенти со цистична фиброза.
„Со 102 тераписки режими ќе бидат покриени досегашните 12 пациенти кои веќе го примаат лекот за уште два месеца (до април 2024), но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за ‘кафтрио’ во комбинација со ‘калидеко’ “, велат од Клиниката за детски болести.
Клиниката добила согласност од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Бирото за јавни набавки да спроведе итна постапка со директни преговори со овластениот дистрибутер на „Вертекс“.
Од Детската клиника, којашто треба да го набави лекот, велат дека на 21 ноември е потпишан договорот помеѓу директорите на Клиниката и „Алкалоид Конс“, а целата количина на лекот се очекува да биде испорачана во првата половина на декември оваа година.
Во 2023, со условен буџет на Клиниката за детски болести се обезбеди и се започна терапија кај 12 пациенти со цистична фиброза. Осум од овие пациенти коишто ја почнаа терапијата се следат во оваа јавно здравствена установа, а останатите четири што ја почнаа терапијата се следат на Клиниката за пулмо-алергологија.
Б. НЕСТОРОСКА