Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената (CEDAW) при Обединетите Нации повторно побара од Владата на Република Македонија итно да обезбеди соодветно домување, храна, чиста вода и непосреден пристап до здравствени услуги, вклучително и услуги поврзани со репродуктивното здравје на четири жени Ромки оставени бездомни од македонските власти. Три од жените се бремени, а четвртата има новороденче. Сите беа протерани од населбата под тврдината Кале позната како Полигон, во август минатата година.
Второто барање Комитетот го испратил до македонските власти на 6 јануари, годинава, во пресрет на опаѓањето на температурите, еден ден откако на жените им било понудено привремено сместување во две јавни установи за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми, „Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“ во Скопје.
„Од Министерството за труд и социјална политика се изјаснија дека ќе ги покријат единствено трошоците за живот непходни за седум дена, односно додека да се подобрат екстремните временски услови. Иако овој потег од страна на властите е чекор во вистинската насока, тоа е само привремено решение и не ги задоволува долгорочните потреби на овие жени кои се во исклучително ранлива положба. Повеќето од бремените жени никогаш не посетиле гинеколог, ниту пак поседуваат финансиски средства за пристап до лекар. Жените застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите пред Комитетот страдаат од недостаток на соодветна исхрана, неможност да одржуваат редовна хигиена и се соочуваат со сериозни здравствени компликации поради немање пристап до вода. Неодамнешната мајката и нејзиното новороденче веќе се соочуваат со здравствени проблеми како резултат на изложеноста на екстремно ниски температури“, укажуваат од Европскиот центар за правата на Ромите.
Жените се пожалиле дека немаат вода, струја, греење, не се избањале цел месец поради студот и принудени се да живеат во шатори.
Комитетот првпат побара од македонската Влада да обезбеди итно итно домување, исхрана, чиста вода и непосреден пристап до репродуктивно грижа за други две бремени малолетни Ромки.
„Европскиот центар за правата на Ромите вторпат ја повикува Владата на Република Македонија да ја почитува и спроведе итната мерка на Комитетот со што ќе обезбеди итна грижа за подобрување на благосостојбата на овие жени и нивните деца“, нагласија од Европскиот центар за правата на Ромите.
Импровизираната населба под Кале беше урната лани во август по налог од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој објасни дека тоа го побарал поради реализација на Детален урбанистички план за тој простор, оти на локацијата е предвидена хотел. Среде најголемите горештини, шест трудни жени и 78 деца, однсно вкупно 135 лица, останаа без единствените живеалишта што ги имаа.
За овој случај предмет отвори и Народниот правобранител. Неговата канцеларија е во постојана преписка со сите одговорни институции задолжени да обезбедат хумани услови за живот на луѓето кои останаа без домови.
Уривањето на населбата ѝ донесе на Македонија и европска тужба. Европскиот центар за заштита на Ромите со седиште во Будимпешта во ноември најави тужба за Република Македонија, поради уривањето на домовите и нехуманите услови за живот на Ромите.