НА АУКЦИЈА ПРОДАДЕНИ ТРИ СТАНА И ГАРАЖА ОД КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ НА МИЈАЛКОВ, СОБРАНИ 332.276 ЕВРА

    НА АУКЦИЈА ПРОДАДЕНИ ТРИ СТАНА И ГАРАЖА ОД КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ НА МИЈАЛКОВ, СОБРАНИ 332.276 ЕВРАДиректорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу вели дека секој граѓанин, физичко или правно лице има право да учествува во јавното наддавање, освен вработените во Агенцијата за управување со одземен имот и осуденото лице. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Агенцијата за управување со одземен имот денеска на аукција продаде три стана и гаража во Скопје од одземениот имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, соопшти директорот на агенцијата Дритон Небиу на прес-конференција. Тој кажа дека од денешната продажба на дел од одземениот имот се собрани 332.276 евра и тие ќе бидат уплатени во државниот буџет.

    Станува збор за три стана на улица „Славејко Арсов“ на Водно, еден од 78 метри квадратни и два од 73 метри квадратни, како и гаража од 30 метри квадратни.

    „Истовремено ја информираме јавноста дека продолжуваме понатаму за истиот предмет и во најскоро време ќе објавиме продажба и за други недвижности за кои што веќе имаме правосилни судски одлуки“, рече Небиу.

    Тој ги повика граѓаните да учествуваат во електронското јавно наддавање и додаде дека секој граѓанин, физичко или правно лице има право да учествува во јавното наддавање, освен вработените во Агенцијата за управување со одземен имот и осуденото лице.

    Конфискуваниот имот е од случајот „Империја“, во кој Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира