Северна Кореја тврди дека нејзиниот неодамна лансиран шпионски сателит испратил детаљни фотографии од Белата куќа и Пентагон, кои биле разгледани од лидерот Ким Џонг Ун. Постоењето на овие фотографии не е независно потврдено и експертите велат дека е прерано да се каже дали сателитот „Малигјонг-1“ е функционален една недела по лансирањето.
Државната новинска агенција „КЦНА“ објави дека Ким ги видел фотографиите од двете владини места во САД, кои наводно биле снимени во понеделникот вечер. Додава дека сателитот снимил и воена база во САД, бродоградилиште и аеродром во Вирџинија, при што на фотографиите се наоѓаат и четири нуклеарни носачи на авиони.
Северна Кореја тврди дека сателитот снимил и воени инсталации во Јужна Кореја.
Од војската на Јужна Кореја потврдија дека сателитот влегол во орбитата, но засега не можело да се каже дали е способен да снима и испраќа фотографии од вселената.
Се верува дека сателитот бил изграден со помош на руска технологија, во замена за оружје и муниција за потребите на војната во Украина.