Романското министерство за внатрешни работи го смени шефот на граничната полиција Виктор Штефан Ивашку откако градоначалникот на Баја Маре, Каталин Керекеш, успеа да избега од земјата пред да биде осуден за мито.
Керекеш избега во петокот, неколку часа пред да му биде изречена затворска казна од пет години. Откако до граница стигнал со такси, на полицијата ѝ покажал пасош од негов братучед.
Пред да биде сменет, Ивашку тврдеше дека снимките направени на граничните премини не биле доволни за дефинитивно да се утврди идентитетот на оние кои ја минуваат границата. Тој не можеше да објасни како граничните службеници го помешале Керекеш со неговиот братучед, кој живее во Германија. Фотографиите објавени во локалните медиуми покажуваат јасна физичка разлика помеѓу нив двајца.
Полицијата верува дека Керекеш избегал во Италија, како што беше случај и со бившиот министер за финансии Дариус Валчов. Тој во мај беше осуден на шест години затвор, но избега во Италија, пред да биде екстрадиран во август. И бившиот градоначалник на Букурешт, Сорин Опреску, ја напушти земјата откако беше осуден.