Американскиот државен секретар Ентони Блинкен дојде во Скопје вчера попладне за самитот на ОБСЕ и си замина вечерта пред да дојде рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој мораше да лета преку Турција и Грција, бидејќи Бугарија не дозволи прелет на неговиот авион.
Блинкен во Скопје се сретна со македонскиот колега Бујар Османи и со премиерот Димитар Ковачевски, учествуваше на неформалната вечера и фамилијарната фотографија и потоа замина за Израел, без да се види со Лавров.
Бугарија првично дозволи прелет на авионот на Лавров, но потоа ја повлече дозволата, бидејќи во авионот била и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која е на листата на санкции на ЕУ.
Министерскиот состанок на ОБСЕ почнува денеска во 10 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а официјално ќе го отворат премиерот Димитар Ковачевски, претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. На отворениот дел од пленарната седница Извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
Околу 1.000 делегати од 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ се во Скопје за 30. Министерски совет на организацијата. Македонија годинава е претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
На министерскиот состанок ќе се разговара за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува, а се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта. Треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.
Предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.